ЗНАМ сака самостојни советнички листи, за градоначалници да се договара со ВМРО-ДПМНЕ


Никола Мемов - ЗНАМ (Фото: Б. Грданоски)

Движењето ЗНАМ – За наша Македонија размислува да настапи со самостојни советнички листи на претстојните локални избори, а во делот за избор на градоначалници на општините размислува за соработка и взаемна поддршка со ВМРО-ДПМНЕ.

ва денеска го соопшти портпаролот на ЗНАМ, Никола Мемов, најавувајќи ги активностите на партиско ниво пред претстојните локални избори. 

„Кандидатите на ЗНАМ ќе бидат самостојни кандидати на движењето ЗНАМ – За наша Македонија, поддржани од ВМРО-ДПМНЕ и нивната коалиција“, вели Мемов.

На новинарското прашање дали ЗНАМ ќе има соработка, поддршка и коалиција со други партии, тој одговори дека засега разговараат исклучиво со коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ, но дека конечната одлука ќе ја донесат органите и телата на партијата. Со цел да се изберат квалитетни кадри за кандидати за градоначалници и за советници, формирани се четири карвани, кои ќе ги предводат претседателот на партијата, Максим Димитриевски, генералниот секретар Горан Минчев и двајцата потпретседатели Весна Бендевска и Павле Арсоски.

„За локалните избори главен фокус ќе бидат решенијата за подобар локален живот, урбанистички планови, инфраструктурни проекти и транспарентно управување со општинските буџети“, рече тој.

По средбите, партијата се очекува да направи анализа за избор на квалитетни кадри за градоначалници и кандидати за советници.

„Донесена е одлука за формирање на тим за преговори и евентуална соработка со други политички партии за претстојните локални избори. Тимот ќе го предводи генералниот секретар на партијата, Горан Минчев, а во него ќе учествуваат и потпретседателите Весна Бендевска и Павле Арсовски“, вели Мемов.

Посочи и дека Централниот одбор донел одлука за одржување на втор изборен Конгрес, кој ќе се одржи во втората половина од јули, а на кој ќе бидат избрани претседател на партијата, како и централен и надзорен одбор со мандат од четири години.