Златото повторно блеска: Лани произведени 3.300 тони, еве кои се петте најголеми производители

Со просечна цена на златото од околу 2.400 долари за унца во 2024 година, вкупното годишно глобално производство минатата година вредеше околу 250 милијарди долари.


Цените на златото се зголемија за 80 отсто во изминатите пет години, благодарение, меѓу другото, и на инфлаторното опкружување, а овој благороден метал повторно се најде во фокусот на инвестициите. Една унца злато во моментов на светските берзи се тргува по цена од околу 2.900 долари, па не би чудело ако наскоро го надмине психолошкиот праг од 3.000 долари.

Во глобалното производство на злато доминираат земји со големи територии. Според проценките на Геолошкиот институт на Соединетите Американски Држави (USGS), минатата година во светот се произведени околу 3.300 тони злато, околу педесет тони повеќе отколку во 2023 година.

Најголем производител беше Кина со 380 тони. Земјата го достигна својот врв на производство во 2016 година со ископани 455 тони злато, но и покрај падот, нејзиното годишно производство не падна под 300 тони. Покрај тоа што е водечки производител, Кина е и еден од најголемите светски потрошувачи на злато, со годишна потрошувачка која надминува 800 тони.

Русија минатата година се најде на второто место со производство од 310 тони, кое остана на нивото од 2023 година. Како и кај другите земји, производството на злато во Русија не се менува драстично од година во година, но во подолги периоди може да се забележат преовладувачки трендови – во 2017 година, Русија произведе 255 тони.

По Русија е Австралија со минатогодишно производство од 290 тони, додека листата на петте најголеми ја комплетираат Канада со 200 тони и САД со производство од 160 тони злато.

Со просечна цена на златото од околу 2.400 долари за унца во 2024 година, вкупното годишно глобално производство минатата година вредеше околу 250 милијарди долари.

Американскиот геолошки институт наведува дека околу 45 отсто од годишното производство на злато се троши на накит, додека централните банки и слични институции купуваат дополнителни 21 отсто, 19 отсто се истураат во шипки, седум отсто се користат за изработка на монети и медали, околу шест отсто завршува во електрониката и електричната индустрија, а остатокот од еден отсто се користи за други цели.