Златен медал за замајување


ФРОСИНА ФАКОВА – СЕРАФИНОВИЌ

Осомничениот бизнисмен Орце Камчев го прими златниот медал во Келн, а институциите добија златен медал за замајување на јавноста. И да не станеше Вардар европски шампион, немаше да дознаеме дека Орце и други осомничени од „Империја“ може летово да одат на море. По три дена од големата победа, кога најбогатиот осомничен Македонец се појави на подиум заедно со ракометарите, институциите кончено излегоа со официјални информации.

Специјалната јавна обвинителка Катица Јанева и судијката на претходна постапка Весна Димишкова, која даде зелено светло МВР да му издаде времен пасош на осомничениот бизнисмен, вчера седнаа на иста маса за да дебатираат за реформите во судството. Јанева во изјава за медиумите непосредно пред дебатата потврди дека таа дала позитивно мислење, односно одобрение да му биде даден времен пасош на Камчев за да учествува на некаков управен одбор во странство. Обвинителката тврдеше дека тие официјално уште не добиле потврда дека Камчев има пасош и може да патува надвор.

Но изјавата ја даде пред дебатата додека судијката беше внатре, а потоа следуваа куртоазни обраќања и надмудрувања за реформите во судството. Во неделата цела македонска јавност се прашуваше како осомничениот бизнисмен заминал во Келн, а институциите чекаа да поминат празниците за да нè известат дека му издале пасош бидејќи имал неодложни службени патувања како член на управен одбор и морал да оди на задолжителна едукација во странство. Иако излегоа официјални информации, тие не ги решија дилемите на јавноста туку наметнаа нови.

Во кои управни одбори членува Камчев кој се гони за криминал со офшор-компании, и каква е таа задолжителна едукација во странство, ако се знае дека законски само основно и средно образование се задолжителни. За неговите потреби доставил и докази и барал пасош со рок од осум месеци, ама судот бил „строг“, му издал пасош со важност од шест месеци. Од друга страна, обвинителката Јанева вели дека не сака да му биде адвокат на Камчев, но има разбирање за неговата пресумпција на невиност и за вработените во неговите фирми кои мора да земаат плата.

За Јанева и за судот е нормално да се издаваат вакви времени пасоши на осомничени и до нив секојдневно стигнувале барања по кои се постапувало. Но за јавноста не е нормално да го види најбогатиот Македонец, против кого СЈО тврдеше дека поседува несоборливи докази за криминал, како им се смее од Келн, како да сака да испрати порака дека не е поразен. Отворањето на истрагата против него беше сатисфакција за новинарите и за сите други вработени во трите дневни весници на МПМ, кои веруваат дека тој и неговите соработници ги погребаа медиумите.

Сега, кога статусот на СЈО е статус кво и истрагата за овој случај е во мирување, а на осомничените им се даваат времени пасоши, сè поизвесно е дека неговата „империја“, со која една деценија владееше со неговиот близок пријател, Сашо Мијалков, нема да биде урната. Со правното мислење на Врховниот суд, кое СЈО го прогласи за ненадлежно да покренува обвиненија и истраги, 18 месеци по добивањето на „бомбите“, најмногу ќари Камчев.