Златен лав за „Кутрите“ на грчкиот оскаровец Јоргос Лантимос


Венеција– „Кутрите“ (Poor Things) на грчкиот оскаровец Јоргос Лантимос синоќа го освои Златниот лав на јубилејното 80-то издание на Филмскиот фестивал во Венеција.

Филмот, со Ема Стоун, Вилем Дефо и Марк Рафало, е црна комедија според истоимениот роман на шкотскиот писател Аласдир Греј од 1992, а беше главен фаворит и на критиката и на публиката во текот на целиот фестивал.

 

Рјусуке Хамагучи со Гран при на жирито. (Фото: Венеција ФФ)

Гран при на жирито, кое беше на чело со Дамиен Шазел, освои „Злото не постои“ на јапонскиот оскаровец Рјусуке Хамагучи.

 

Мате Гарое со Сребрен лав за најдобар режисер. (Фото: Венеција ФФ)

Сребрен лав за најдобар режисер доби мигрантската драма „Јас, капетанот“ на италијанскиот автор Матео Гароне, а главниот актер од овој филм Сејду Сар ја освои наградата за најдобар млад актер „Марчело Мастројани“.

Агњешка Холанд со Специјална награда на жирито. (Фото: Венеција ФФ)

Специјална награда на жирито доби „Зелена граница“ на полската ветеранка Агњешка Холанд, драма за сириско семејство кое бега од ИСИС во Белорусија, која последните денови му беше сериозен конкурент на Лантимос за Златен лав.

„Луѓето сè уште се кријат во шумите, лишени од нивното достоинство, од нивните човекови права, од нивната безбедност, а некои од нив ќе загинат овде во Европа. Не затоа што немаме ресурси да им помогнеме, туку затоа што не сакаме“, рече Холанд примајќи ја наградата.

Сејду Сар најдобар млад актер. (Фото: Венеција ФФ)

Актерските награди ги добија Кејли Спини за „Присила“ на Софија Копола и Питер Сарсгард за „Меморија“ на Мишел Франко.

Питер Сарсгард најдобар актер. (Фото: Венеција ФФ)

Кејли Спини најдобра актерка. (Фото: Венеција ФФ)

Во селекцијата Хоризонти победи унгарската политичка драма „Објаснување за сè“ на Габор Рајш. Во оваа селекција се натпреваруваше и македонскиот „Домаќинство за почетници“ на Горан Столевски, кој доби една од паралелните фестивалски награди, Квир лав.

Изненадување беше што наградата за најдобро деби „Луиџи де Лаурентис“ ја освои тајванскиот актер и режисер Ли Хонг-Чи за „Љубовта е пиштол“, кој имаше премиера во паралелната секција Недела на критиката.

„Кратко патување“ на албанскиот автор Ереник Бекири освои награда за најдобар краток филм.