ЗК „Пелагонија“ на Панделевски си наплати 1 милион евра од државното претпријатие „Стрежево“
Вработените стравуваат дали по толкав одлив на пари хидросистемот ќе може да исплаќа плати. Владата смирува
БИТОЛА – За само една недела државното претпријатие „Стрежево“ Битола му ја исплати отштетата од 1 милион евра и судските трошоци на Земјоделскиот комбинат „Пелагонија“ Битола, чиј претседател на одборот на директори е бизнисменот Цветан Панделевски. Во 2015 година свлечиште кај битолското селото Драгарино направи голем дефект на главниот доводен канал за вода на хидросистемот „Стрежево“ и илјадници хектари посеани со земјоделски култури на ЗК „Пелагонија“ останаа без наводнување.
Од Владата велат дека јавното претпријатие „Стрежево“ прави сѐ да не дојде до блокирање на сметките на претпријатието.
Во истовреме големи се стравувањата кај вработени дали претпријатието ќе има средства да исплаќа плати по овие милионски суми отштета.
„Во неизвесност сме, бараме потврда од Владата да ни каже дали ќе работиме ликвидно и дали ќе земаме плата. Имаме семејства со по еден вработен, и оваа ситуација ни паѓа тешко“, велат вработени кои сакаат да останат анонимни.
Почнувајќи од 2 до 10 февруари годинава, на контото на земјоделскиот комбинат легнаа парите како отштета за судскиот спор во кој комбинатот го тужи ХС „Стрежево“ за претрпена штета по земјоделските површини од неиспорачана вода за наводнување во летото 2015.
Во информација од Владата на прашањата на „Независен“ стои дека главниот долг одреден со пресудата на Апелацискиот суд од Битола во износ од 60.831.254 денари и трошоците на постапката во износ од 838.120 денари се исплатени и тоа во период од само 8 дена.
Јавното претпријатие „Стрежево“ Битола иако е под државна капа за судскиот процес кој го загуби ја известило Владата на 11 февруари, ден по исплатата на парите.
„Со писмен допис доставен до Владата на 11.02.2022 година, ЈП ‘Стрежево’ – Битола испрати информација во врска со пресудата од Апелацискиот суд во Битола во корист на ЗК ‘Пелагонија’ АД Битола за наводно претрпена штета од 2015 година. Претходно, по добиената пресуда се одржа средба со претставници од двете страни во овој спор, на која начелно е договорена динамиката на затворањето на главниот долг во износ од 60.831.254 денари и трошоците на постапката во износ од 838.120 денари, со цел да се избегне проблем во редовното работење на јавното претпријатие. Согласно договореното, исплатени се 20.000.000 денари на 02.02.2022 година, додека на 03.02.2022 година исплатени се и трошоците на постапката во износ од 838.120 денари“, стои во одговорот од Владата исплатен до „Независен“.
Во информацијата од Владата стои дека дел од долгот е компензиран оти ЗК „Пелагонија“ му бил должник на „Стрежево“ за испорачана а неплатена вода.
„Меѓусебна компензација во износ од 35.002.198 денари, е реализирана на 10.02.2022 година и извршена е исплата за остатокот на долгот на износ од 5.829.056 денари. Со тоа е целосно исплатен главниот дел од долгот и трошоците на постапката“, потврдуваат од Владата.
Но ова не е сѐ околу исплатата на долгот од судскиот спор, допрва треба да се плаќаат и судските камати за изминатите шест години, за кои се претпоставува дека ќе тежат стотици илјади евра. Во следниот период ЗК „Пелагонија“ Битола треба да достави каматна листа со законска казнена камата во висина на референтната стапка на Народна банка сметано од 10.02.2016 година.
Она што ги загрижува вработените во ЈП „Стрежево“ е дали исплатата на отштета од судскиот спор ќе нанесе финансиски удар кој ќе ја доведи во прашања исплатата на месечните плати за вработените. Но, од Владата велат дека „Стрежево“ и во оваа ситуација ќе врши навремена исплата на плати и надоместоци на плати, редовна и навремена исплата на обврски кон државата по основ на даноци, како и редовна исплата на обврските спрема добавувачите.
„По утврдувањето на обврската на ЈП ‘Стрежево’ по основ на камати, на заеднички состанок на претставници од „Стрежево“ и ЗК ‘Пелагонија’ ќе се пристапи кон склучување на спогодба за утврдување на динамиката на исплата на овие обврски, да не дојде до нарушување на ликвидноста и воопшто на работењето на претпријатието“, велат од таму.
Државниот завод за ревизија минатата година изврши ревизија врз финансиското работење на ЈП „Стрежево“ за 2020 година. Во ревизорскиот извештај е даден осврт на остварените резултати од финансиското работење на „Стрежево“ во последните 10 години во кои во континуитет искажува загуба. Ревизорите се осврнале и на судскиот спор меѓу „Стрежево“ и ЗК „Пелагонија“ па навеле дека може да предизвика и значителен одлив на финансиски средства.
Останува прашањето – дали во врска во оваа ситуација во ЈП „Стрежево“ Битола, Владата ќе покрене постапка за испитување на евентуално постоење одговорност кај поединци во државното претпријатие.
Во 2015 година со „Стрежево“, раководеше кадар на ВМРО-ДПМНЕ, Марјан Героски, додека од 2017 со претпријатието управува Менде Граматковски, кадар на СДСМ. Акции во ЗК „Пелагонија“ во тоа време имаа Орце Камчев и Цветан Панделевски, кои се дел од истрагата на обвинителството во случајот „Империја“. Сега во одборот на директори на веб страната на ЗК „Пелагонија“ не стои името на Орце Камчев, туку само на Панделевски.