Зијадин Села поднесе оставка од функцијата претседател на Алијансата

Села ја повика партијата да побара одговорност од сите  кои го саботирале процесот, односно се членови на Алијансата за Албанците, а работеле против неа


Фото: Б. Грданоски

Лидерот на Алијанса за Албанците Зијадин Села попладнево на прес-конференција си даде оставка по вчерашниот неуспех на изборите за советници во Советот на Општина Тетово.

На прес-конференцијата во Тетово по денешниот состанок на Претседателството на партијата, Села најави дека повеќе нема да се кандидира за претседател на партијата бидејќи, како што рече, според статутот на партијата тоа право го има само двапати. Како причина за оставката тој ги наведе неповолните резултати од вонредните избори за Совет на Општина Тетово.

-Разговаравме околу настаната политичка ситуација после изборите во Тетово. Јас стојам на секој збор кој го имам кажано, а тоа е дека Тетово не е само една општина, Тетово не е само еден град, Тетово е повеќе од тоа-само еден град. Резултатите во Тетово навистина е дека се надвор од секое наше очекување во врска со Тетово и јас како претседател на партијата сум спремен да преземам одговорност и од овој момент преземам одговорност и давам неотповиклива оставка од претседател на партијата, истакна Зијадин Села.

Тој информираше дека во перидот кој следува, Централното собрание треба да заседава и да одлучи во врска со тоа кој ќе биде в.д претседател на партијата

-Ја користам приликата  да им заблагодарам на сите мои поддржувачи, на поддржувачите на Алијансата за Албанците, на граѓаните кои веруваа во нас и истовремено ги повикувам да веруват во Алијансата за Албанците бидејќи од овој процес ние ќе излеземе уште посилни. Не би било демократски јас да се изјаснам кој треба да биде кандидат за претседател , бидејќи тоа е право на членството на Алијансата за Албанците и тоа е право на Централното собрание, порача Села.

Прашан зошто во Тетово партијата не успеа да освои ниту едно советничко место тој рече дека ќе бидат направени потемелни анализи.

– Анализитите ќе се направат во Централното собрание на партијата и мислам дека од сега па натаму партијата треба  да ги повика на одговорност сите  кои го саботираа процесот,  сите кои работеа и се членови на Алијансата за Албанците, а се против Алијансата за Албанците, рече Села.

Алијанса за Албанците почна да се формира од 2015 година кога Зијадин Села како член на ДПА го иницираше Движењето за реформи во ДПА. Потоа се формираше и партијата под името Алијанса за Албанците. На 27 март на вториот конгрес Села беше реизбран за претседател.

На вчерашните избори, Алијанса за Албанците не освои ниту еден мандат во Советот на Општина Тетово. Сепак, во партијата  никој не очекувал таков исход на изборниот ден, со оглед на тоа што во претходниот состав имаа тројца советници.