Живееме во еден вид казнено поправна институција: Интервју со актерот Џек Димиќ

Монодрамата „Ој, животе“ е од 1974 година, но е актуелна и денес бидејќи зборува за меѓучовечки односи во една институција која се нарекува казнено поправен дом. Тоа го имаме и сега, само што функционира на различен начин, вели познатиот глумец


Јас често кога ја работам оваа монодрама ја доживувам не како човек кој зборува за некој кој излегол од затвор, туку кој го живее денешниот живот

 

Животната и професионалната приказна на актерот Џек (Жељко) Димиќ и самата наликува на интересно филмско сценарио. Роден во Босна, по завршувањето на средното образование три пати неуспешно се обидува да запише глума на Академијата за драмски уметности во Белград, по што во 1992 година заминал во Шведска, а потоа во Прага, за на крајот да заврши во САД.

Таму, во Њујорк, во 1997 година бил примен во познатиот Институт за филм и театар „Ли Стразберг“, академија каде меѓу другите биле и Ал Пачино, Дастин Хофман, Арман Асанте и други славни актери. Куриозитет за него е што заминал во САД со многу скромно познавање на англискиот јазик, но сепак, по 12 години посветеност и повеќе разни улоги, добил шанса во филм да игра роден Американец, што му ја отворило вратата и за други такви ролји, што го вбројува меѓу ретките актери од екс Југославија кои успеале такво нешто – пред него тоа го направи хрватскиот актер Горан Вишниќ.

Димиќ деновиве беше во Скопје, каде што во Драмскиот театар ја одигра монодрамата „Ој, животе“, работена по текст на Јосип Пејаковиќ, каде што на босански јазик на емотивен и духовит начин раскажа една трагична животна приказна. Станува збор за човек кој доброволно издржува затворска казна наместо неговиот помлад брат кој е сторител на убиство со умисла. Гостувањето беше овозможено со лична заложба на амбасадорот на Босна и Херцеговина во нашата земја, Драган Јаќимовиќ.

Вели дека во Скопје доаѓа по пауза од 22 години што ги буди старите спомени и дека е носталгичен по некогашната заедничка држава.

Иако завршил на престижна академија во САД и има многу успешна кариера, Димиќ вели дека отсекогаш сакал да биде југословенски глумец. Тоа, му се исполнило последните години кога поради сплет на околности поврзани со короната, присутен е во регионот, бидејќи, како што вели, не се согласил на условите да ја работи неговата професија по диктат и ако е уценет, додавајќи дека го има истиот принцип како и Новак Ѓоковиќ.

Ако ми се допадне улогата, тоа може да биде овде на улица во Скопје, на плоштадот, ќе ја одработам како да сум платен милион долари

Зад себе има импресивна кариера, во Холивуд играл во популарните ТВ серии „Ред и закон“, „Место на злосторот“, „Црна листа“, „Замок“, „Сина крв“, како и во сериите што во последните години се снимаат во регионот „Државен службеник“, „Ургентен центар“, „Воена академија“, „Клан“, „Династија“, „Вера“ и многу други. Џек Димиќ го играл научникот Никола Тесла во филмот „Народот на Тесла“, кандидат за Оскар за долгометражен играно-документарен филм во 2020 година. Има одиграно преку 80 улоги во филм, телевизија и театар на српско-хрватски, руски, италијански, чешки и англиски јазик. Живее меѓу Њујорк и Белград.

Не бега и од теми како што беше трагедијата која што се случи во Србија со масовните убиства во кои настрадаа деца и недолжни граѓани, што силно го осудува, но не мисли дека тоа е резултат на насилството во филмовите.

„Да бидеме реални – јас растев покрај насилство. Воените филмови со кои растевме беа полни со насилство. Бата Живоиновиќ со своја рака уби преку 50 илјади Германци. Јас немав потреба да излезам надвор и да ги убијам врсниците, а игравме партизани и Германци, каубојци и Индијанци. Јас ова го припишувам пред сѐ на начинот на кој растат денешните генерации. Тие растат покрај мобилни телефони, а ние со топка, лимон и портокал, криенки, со игри кои беа со живи луѓе. А, денес децата одат на Интернет и имате апликации кои кажуваат како да се убие човек. Јас во моментов немам деца, би сакал да ги имам, но ако утре станам татко, верувајте јас не знам со ова малку животно искуство кое што го имам, веќе сега сум во проблем како да се спротивставиме на ова чудовиште кое бдее над нас на најлош можен начин“, вели тој.

 

Господине Димиќ, во Скопје се претставивте со монодрамата „Ој, животе“, силна трагикомична драмска приказна која изобилува со црн хумор. Колку овој текст од 1974 година е актуелен денес?

И тоа како е актуелен. Станува збор за меѓучовечки односи, за односи во една институција која нарекува казнено поправен дом. Тоа го имаме и денеска, само на различен начин на кој што функционира. Мислам, не сум запознаен како функционира внатре, но Јосип Пејаковиќ тоа го напиша прекрасно. Зборува за судбината на еден човек кој што се жртвувал за својот брат и кој заминал доброволно на издржување на затворската казна 14 години и таму ги запознал сите човекови доблести и маани кои што не опкружуваат.
Јас често кога ја работам оваа монодрама ја доживувам не како човек кој зборува за човек кој излегол од затвор, туку човек кој го живее денешниот живот. Бидејќи ова што ни се случува денес на некој начин е еден вид казнено поправна институција. Само што таа е доброволна, бидејќи доаѓам и себеси што се вели си ставам улар како коњ и заштитник од страна на своите очи и не гледам ништо, не слушам никого и сум во својот фазон, што би рекле народски. Се сведува на тоа дека сум во некоја самостојна, доброволна казнено поправна институција која не сака ништо да научи, не сака да напредува, не сака да работи на себе си… Едноставно, битисува и чека да му истече таа затворска казна.

 

Сѐ почнува од сценариото. Секогаш го велам тоа, иако не ми оди во прилог бидејќи јас сум глумец, не сум писател. Но, кога имате добар материјал завршена е половина работа

Живееме во длабоко поделени општества, каде што повеќето се на дното, а некои на површината. Дали може да направиме паралела со филмот „Андерграунд“ („Подземје“) на Емир Кустурица, каде што едни се во рудникот несвесни за она што се случува во надворешниот свет, додека другите се токму таму – надвор и ги имаат сите придобивки?

Да, да, малку е да кажам дека се согласувам со вас. Тоа го гледаат одозгора и не посматраат како опитни зајаци и за некоја своја вечера од 6 илјади долари гледаат на нaс како на некои робови кои едноставно им служат ним за некоја нивна цел, и ги забавуваме. Ние сме кловнови на нивните дворови, за некоја плата со која го издржуваме нашето семејство, а всушност на крајот на денот, како што велат американците, сфаќаме дека тоа не води кон ништо. И нуспроизвод на тоа е токму она што го реков и на вашата колешка – насилство, додека еден ден не дојде некој паметен и не рече дајте луѓе доста е.

 

Каде е тогаш излезот?

Знаете што, ја немам таа моќ, или што би рекол мојот професор, го немам тој коефициент на интелигенција тоа да го видам. Би сакал да имам одговор на вашето прашање, но се плашам дека на денешен ден, во овој момент не ми е познат, впрочем како и на вас.

 

Имате играно во повеќе познати филмови и телевизиски серии кои што се прикажувале и на овие простори, исто така и во театар. Каде е поголем предизвикот за вас, на телевизија, во театар, на филмско платно?

Театарот е прва љубов, бидејќи кога се школуваш во познатиот Институт за филм и театар „Ли Стразберг“, сѐ тргнува од театарот. Но, за мене, како што вели мојот колега Џек Николсон, е и едното и другото и третото. Работата секогаш ја темелам на својата улога. Ако ми се допадне улогата, тоа може да биде овде на улица во Скопје, на плоштадот, ќе ја одработам како да сум платен милион долари. А, може да биде за најмала можна сума во најексклузивен театар нa Менхетен. Бидејќи така сум учен од своите професори, така сум воспитуван четири години на академијата – целата своја работа да ја базирам на улогата. Значи, ако ми се допаѓа улогата и мислам дека сум способен да ја одработам, мене не ме интересира какви се условите. Ако ја сакам, ако сум заљубен во својот лик, сѐ друго е помалку битно. Како жена која ја сакате, била таа сиромашна или богата, вие неа ја сакате или не.

 

Воените филмови со кои растевме беа полни со насилство. Бата Живоиновиќ со своја рака уби преку 50 илјади Германци. Но, јас немав потреба да излезам и да ги убијам врсниците, а игравме партизани и Германци, каубојци и Индијанци

Што работите во моментов, што можеме да очекуваме од вас во наредниот период?

Неодамна одеа неколку сери и во кои што играм оперативец на ЦИА, потоа херој кој ја оспособил југословенската авијација во време на Втората светска војна, и други, а деновиве договорив главна улога во серијата „Похота“ која е меѓународен проект што ќе се снима во Белград, каде што играм американски професор Мајкл Малон кој доаѓа во Белград и го работи тоа што треба да го работи, но бидејќи снимањето не е почнато, не можам да зборувам за тоа. На 4 јули е мојот прв ден на снимањето во „Златен рез 42“, филм на Лордан Зафрановиќ. Се надевам дека тоа овој пат ќе се случи бидејќи филмот неколку пати е одложуван.

Што е најбитно во филмот, во серијата, на театарот… приказната, карактерот, ликот, пораката?

Тоа е одлично прашање. Сѐ почнува од сценариото. Секогаш го велам тоа, иако не ми оди во прилог бидејќи јас сум глумец, не сум писател. Но, сѐ почнува од добро сценарио.
Кога имате добар материјал, добро сценарио, тоа според мене е, како што јас го учев овој занает, половина завршена работа. Многу е потешко да направиле лик од нешто кое ниту самите не го разбирате и велите ова не ‘пие вода’. И обратно. Сега имав можност да добијам текст на Божидар Кнежевиќ, кој случајно ми е пријател и е прекрасен писател, за серијата „Похота“, и кога ги прочитав првите пет епизоди, реков јас не знам од каде да почнам, колку ликот кој тој го напишал е толку богат и длабок. Јас не знам од каде да тргнам да го работам.
Е сега, тој ист Божидар Кнежевиќ би можел да напише нешто и кога ќе дојдам дома да речам ‘не знам што се случува овде’. Така што, сѐ почнува од текстот. Е, тогаш мојата работа е надградба, на ликот да му внесам живот, физичко дејство, глас, зборови, коса, боја на тонот, сето она што го сочинува, за вие да речете дека јас не се играм себеси, туку дека играм некој лик.