Живееме боемски, а романтичари сме во душа: Интервју со Дац и Александар
Главните состојки се љубовта, искреноста и посветеноста. И тоа што и по повеќе од пет години, ние сме истите тие што бевме на почетокот, велат актерот и композиторот во интервју за „Независен“
Актер и композитор ги споија професионалните патишта, направија бум со старите и новите песни и спотови во кои сите се препознаваме, а сега се синоним за добра забава во кафулиња и на корпоративни дружења .
Драган Спасов – Дац (навидум) откачен, Александар Митевски (навидум) сериозен, ќе ја испратат 2024 година со титулите „Мажи на годината“ во културата, и со нешто специјално, на дневната журка во „Трибека“.
Нивната музичка и приватна приказна ја раскажаа за „Независен“ во новогодишен амбиент, дотерани, Дац со„ црн Џони, зачинет со пура“, а Александар со бело вино, зашто „музата во него обично тоа си нарачува“.
Вие сте актуелната музичка приказна која се пие на екс. Кој пијалок го преферирате?
Дац: Виски. Пијам Џони црн, со малку вода, зачинет со пура.
Александар: Јас сум човек за бело вино, по некоја ракија. Музата во мене обично тоа си нарачува.
Боеми сте, или романтичари?
Дац: И едното и другото, живееме боемски, а романтичари сме во душа.
Александар: Мислам дека е многу тенка линијата помеѓу тие работи, бар по моите убедувања.
Како се случи да се споите како дуо?
Дац: Прашај го Григор Копров.
Александар: Како поминуваат годините и патот кој го изодевме заедно, се повеќе мислам дека не беше тоа обична прикаска со Копров за двајца другари од две различни бранши кои решија да прават нешто заедно. Се повеќе мислам дека е тоа некоја судбинска рака која не носи во секое ќоше од нашата Македонија да доставуваме љубов и душевна храна на народот.
И енергијата ви е различна, ти си помирниот, а Дац е бунтовникот. Ти си композитор и хитмејкер, Дац е врвен актер со убав глас. Како знаете дека сте успеале?
Александар: Мене ми е уште како некаков сон, добивме шанса од народот да го правиме тоа што отсекогаш сме го сакале. А нашиот успех го гледам во очите на луѓето со кои сме секојдневно и љубовта која ни се возвраќа.
Дац: Успехот се претпоставува, кога ја знаеш публиката и пласираш материјал што ќе го пие. Ако го испие на екс, успехот е загарантиран.
За што сте секогаш ЗА, а за што ПРОТИВ?
Дац: ЗА пијалок и забава. ПРОТИВ „млатење празна слама”.
Имате ли повеќе пријатели, или непријатели?
Дац: Пријатели знам дека имаме аналогно на тоа има и такви што не не сакаат, не би рекол непријатели. Мене ионака ме сакаат повеќе отколку е предвидено.
Александар: Пријатели, со тоа што мислам дека ние сме во некоја друга графа и не се натпреваруваме ама баш со никој. Патуваме со нашиот “Љубовен пасош” и на тој пат можеш да сретнеш само пријатели.
Неодамна направивте бум со женската и машката верзија на твојот хит „Уште ми фалиш“ кој прослави пет години, и освоено второ место на „Макфест“ во 2019 година. Вклучивте познати дами и господа од јавниот живот на Македонија. Дали идејата беше спонтана или сакавте да влезете во музичката „историја“?
Дац: Хитмејкерот секогаш настојува неговото дело да биде хит, но… Хитовите се раѓаат, народот кажува што е хит. Инаку искрено се надевам дека влегуваме во музичката историја. Кога на нешто си посветен до крај, а притоа си талентиран и успешен тогаш чекориш кон бесмртноста.
Александар: Беше тоа идеја без претензија, едноставно еден мал омаж на нашата верна женска публика, почит кон жената, кон нашите силни жени пријателки кои сакавме да ја почувствуваат магијата на сцената. И да ја пренесат песната од женска перспектива. Единствено ни е криво што песната не трае 55 минути место 5, за да може да влезат сите.
Бевте поинакви и со „Корона чао“ и со епизодата со тогашниот бугарски премиер Бојко Борисов како во кола го слуша вашиот хит. Со „Љубовен пасош“ го обединувавте регионот, прво со Бугарија. Дали во еден момент ја сфативте музиката како ангажирана?
Дац: Секако дека е ангажирана. Музиката, театарот, воопшто уметноста ги поминуват сите бариери, сите граници. Од таму е и идејата за “Љубовниот пасош”.
Александар: Нашата спонтаност и човечност не прави да можеме да пееме на сите јазици, да пееме народни песни, да пееме детски песни на Славејче, да пееме и со млади луѓе и со легенди на естрадата. Таа наша растегливост ни носи публика од сите генерации па и географски. Неодамна, амбасадорката на Р Хрватска во Македонија ни кажа дека со тоа што го работиме сме едни од најдобрите амбасадори на Македонија, што е огромен комплимент.
Како го избирате репертоарот за живите свирки и гала настаните?
Дац: На репертоар имаме околу 400 матрици на кои пееме. Пред секој настап се прават списоци. Нормално дека има и такви песни кои ги бара публиката и без кои не може да помине една вечер
Александар: Како што вика Дац, секоја вечер е посебна претстава. Се прилагодуваме според настанот, луѓето, пригодата, повикуваме и гости, потсетуваме на заборавени песни. Таа љубов и конекција со публиката на пример го направи секој втор вторник во Скопје да биде сабота.
Дали вашиот таргет се (убави) жени или (моќни) мажи?
Дац: Убави и моќни жени со нивните партнери.
Александар: Убавите жени се во првите редови, а моќните мажи уживаат зад нив. Едното со друго оди.
Каде сте за Нова година?
Дац: Дома, т.е. во нашата “Трибека” на дневна журка. За вечерта да се собереме на тивко место зачинето со добра храна, пијалок и планови за одморот кој си го предвидевме во јануари.
Александар: Да, приредуваме повторно нешто специјално. Традиционално, најдобрата дневна забава ќе биде во Трибека, а ние до последен атом од силите ќе се погрижиме за тоа.
На што се должи вашиот успех како двоец во Скопје, низ Македонија и во соседството?
Дац: Кога двајца успешни луѓе, секој во својата бранша, ќе се спојат, стануваат “Дац и Александар”.
Александар: Рецептот не е таен, пробале многумина да го спремаат. Главните состојки се љубовта, искреноста и посветеноста. И тоа што и по повеќе од пет години, ние сме истите тие што бевме на почетокот.
Колку ве подржуваат вашите сопруги за вашата работа дење-ноќе?
Дац: Сопругите знаат што им работат мажите и дека овие професии не се работат во канцеларија.
Александар: Максимална поддршка имаме од нашите сопруги и деца. Многу отсуствуваме, но тие ја знаат нашата мисија и ја гледаат пошироката слика.
Колку според вас се смени поп и театарската сцена кај нас?
Дац: Театарот полека се враќа од мртвилото кое почна со короната. Најголем проблем се парите. Може да се забележи дека нема веќе грандозни сценографии, но театарскиот свет се снаоѓа. Сигурен сум дека ќе биде подобро.
Дали Скопје уште го доживувате како Скопје од вашата младост?
Дац: На ова прашање не одговарам затоа што ме фаќа “жал за младост”
Александар: Ова е веќе некое друго Скопје, но секое време си има своја убавина. Со сите наши потези на четката гледаме што повеќе можеме да го насликаме она некогашно Скопје.
Кои се вашите идни планови?
Дац: Многу се, и секогаш растат. Што ќе исплива ќе видиме. Важно е дека не сме без идеи.
Александар: Во јануари сме на заслужен одмор јавно, а позадински ќе се работи новата песна. 2025 ќе донесе шаренило од музички проекти со наши драги гости кои сакаме да ги оствариме.
Што ќе си посакате во Новата 2025?
Дац: Здравје, друго имаме..
Александар: Така е, само здравјето да не држи. Тоа ни го посакуваат и сите наши фанови. За да може оваа наша приказна да трае што подолго.