Жителите на Новаци го блокираа патот до РЕК „Битола“

По сообраќајката со жртва жителите бараат обиколница за камионите на термоелектраната


Од протестот во Новаци (Фото: А. Блажевска)

 

БИТОЛА – Голем број од жителите на пелагониското село Новаци, денеска по втор пат излегоа на протест и го автомобили и товарни возила го блокираа патот кој од Битола води до термоцентралата РЕК „Битола“, откако минатата недела во тешка сообраќајка загина тракторист при судир со камион кој превезуваше јаглен за РЕК „Битола“. Излезот од ситуацијата за поголема сообраќајна безбедност жителите го гледаат во наоѓање на обиколен пат преку кој ќе се носи увезениот јаглен до РЕК „Битола“

Двочасовната блокада од 10 до 12 часот  на патот Битола – Маково, ја парализира Пелагонија, осoбено што патот R1311 е од особено значење за овој регион.

Мештаните револтирани од последната сообраќајка во која загина нивен сограѓанин, велат дека со блокадите на патот ќе продолжат и во наредните денови во среда и петок, сѐ додека не се стави ред во сообраќајот на оваа делница.

„Тешко е да живее во селото кога знаете дека по двестотини камиони дневно минуваат низ село, низ куќите, а учениците треба да го поминат патот за да одат на училиште. По сообраќајката во која загина нашиот сосед, работите мора да се менуваат, мора да има постојано сообраќајна контрола на патот од Битола до Комбинатот, а не од време на време, оти кога има сообраќајци, возачите ја намалуваат брзината, штом нема се вози како на писта. Сите сме потенцијални жртви“, велат жители на Новаци кои денеска излегоа во голем број на блокадата на патот.

Жителите, организатори на протестот нагласуваат дека – „протестот  не  е политички, се протестира поради несоодветното движење на сите моторни возила низ Новаци“. Мештаните побараа од надлежните поставување на забавувачи на брзина на самиот пат, соодветна сообраќајна сигнализација и опремување на сообраќајците од полициската станица во Новаци со радар и камери.

„Главната причина за овие протести е трагичниот настан во кој загина наш сограѓанин, додека одеше до поле на извршување земјоделски работи. Со години наназад има општо незадоволство што транзитираат камиони со увезен јаглен. Имаме рудници, а увезуваме јаглен, апсурдно би било да се продолжи со оваа ситуација заради безбедноста на жителите. Ако се продолжи на ваков начин да се снабдува комбинатот со јаглен со камиони мора да се најде обиколен пат, а не 200 камиони дневно да минуваат низ селата“, рече на протестот Стевче Стевановски, градоначалник на Општина Новаци.     

Пред шест дена, по првиот протест на жителите, РЕК „Битола“ излезе со соопштение дека комбинатот има разбирање за загриженоста на жителите на Новаци за безбедноста во сообраќајот кој се одвива по регионалниот пат кој минува низ селото.

Од РЕК „Битола“ кажаа дека оствариле средба со економските оператори кои вршат транспорт на јаглен во комбинатот на која беше подвлечено дека безбедноста на граѓаните е приоритет. (А.Б.)