Гумени чизми за градоначалникот Жика Стојановски


Повеќе жители на населбата Јака во Општина Илинден, денеска излегоа на протест пред општинската зграда и бараат да им бидат асфалтирани улиците.

Гумени чизми врзани со црвена панделка се оставени пред општинската зграда за градоначалникот Жика Стојановски, алудирајќи на условите во кои со години живеат граѓаните на оваа населба, а во врнежливи денови мора со гумени чизми да се движат по калливите улици.

Со транспаренти на кои пишува „Сакаме асфалт“, „Деца сме, каде да си играме? Сакаме парк!“, жителите на Јака бараат урбанизација на населбата која им е ветена одамна, а никако да се исполни.

Во текот на 2012 и 2013 година, во населбата Јака – општина Илинден – Скопје, се купуваа плацеви за изградба на куќи за семејно домување. Проектот „Населба Јака“ од страна на Општината Илинден, беше промовиран како проект со инфраструктурни решенија според највисоките европски стандарди. По купувањето на плацевите, според редовните законски обврски жителите ги реализираа и сите други финансиски обврски кон Општината Илинден, по што, според неофицијални сознанија, од овој проект Општината Илинден инкасираше повеќе од 1.200.000 евра (еден милион и двестотини илјади евра).