Жителите на Кисела Вода ги враќаат старите печки за инертери


Жителите на општината Кисела Вода што аплицираа за субвенции за набавка на
клима инвертери и добиле мејл од Град Скопје, во текот на претстојниов викенд
(утре и во недела) ќе можат да ги предадат своите стари печки на дрва или на
нафта во дворот на средното училиште „Васил Антевски- Дрен“. Акцијата ќе трае
од 10 до 16 часот.

Во Град Скопје пристигнаа 5.000 апликации, а од општината Кисела Вода се
пристигнати 787 апликации на овој јавен повик. Изминатите викенди, ваква акции
за предавање на старите печки кои користат нееколошки енергенси во замена за
инвертер клима уреди за затоплување се организираа во општините Сарај, Шуто
Оризари, Карпош, Гази Баба и Аеродром.

Значајно е да се нагласи дека во наредните две години, согласно со условите од
јавниот повик, градската или државната инспекција може да врши инспекциски
надзор на лицата што добиле субвенција, за да се види дали навистина ги користат
инвертерите или е направена измама, за што ќе биде поведена постапка за
враќање на финансиските средства.

Јавниот повик за доделување субвенции за инвертер клима уреди за затоплување
на домаќинствата ги опфати граѓаните кои купиле инвертер од 01.01.2020 година,
до завршувањето на повикот на 30.11.2020 години или до денот на исцрпување на
средствата. На овој повик граѓаните можеа да аплицираат онлајн.

Според условите во повикот, на граѓаните ќе им бидат целосно надоместени
трошоците за набавкана инвертер клима уред, но не повеќе од 62.000 денари во
нето износ.
Целта на јавниот повик за доделување субвенции за набавка на инвертер клима
уреди е да се придонесе за намалување на аерозагадувањето во Скопје преку
намалување на бројот на оџаци кои чадат заради загревање на домовите во текот
на грејната сезона, односно во зимскиот период.