ЗХГ: Државата е заробена од недопирливи функционери што носат криминални закони


Зелен Хуман Град објави дека Актуелнава власт си донела нов закон за инспекциски надзор по скратена постапка, што почнал да се применува од 1 јануари годинава.

„Нема повеќе дури ни про форма можност да се одземе овластување на инспектор од независна институција! Сега никој ништо не им може дури ни законски! За одземање на овластувањата на инспектор е задолжено раководното лице на институцијата. Истото раководно лице од кое инспекторот добива насоки за работа. Што значи од една страна заштита и неказнивост за „подобните“, а од друга страна изложеност на „неподобните“ инспектори на политички реваншизам и мобинг.

Иако 18 пратеници гласале против, а 17 воопшто не гласале, никој не алармирал јавно за ова катастрофално уназадување во клучна сфера што има силно влијание врз нашите животи – одговорното и професионално спроведување независен инспекциски надзор“, коментира ЗХГ.

Притоа тие наведуваат пример,т.е. како тоа ќе изгледа во случајот со Тораница:

„ Директорката на ДИЖС јавно признава дека инспекторатот постапил незаконски со неземање мостри на денот на хаваријата зашто ,,се гледало дека има хаварија, не требало таа со мостри да се докажува”.

Во случајот со „“Усје“, според ЗХГ, истара директорка јавно убедува дека ниеден од најавените надзори во Усје не констатирал загадување над дозволеното.

„ Неказнивоста, прикривањето криминал и крајната некомпетентност на лица на функции нè чинат животи!Моќта да се носат одлуки во име на колективот не смее да ја имаат функционери што се дел од мрежи што прикриваат криминал, релативизираат хаварии и ни продаваат „законитост“, а притоа трујат вода, воздух и луѓе преку систем што е наменски дизајниран за легално избегнување одговорност на лица на функции што ни ги загрозуваат животите на дневна основа“, порачуваат од ЗХГ.

Инаку во истражувањето на Институтот за демократија Социетас Цивилис што беше презентирано денес во Собранието во присуство на амбасадорот Михалис Рокас, прашањето за животната средина беше прв приоритет за граѓаните во рамки на реформите потребни за ЕУ, поважно и од уставните измени.