ЗХГ бараше расправа за Вардариште и Дрисла – не дојде градоначалничката, па советниците од ВМРО-ДПМНЕ си заминаа


Фото: Б. Грданоски

Вонредна седница на кој би се расправало за состојбата на Вардариште и во Дрисла, во Советот на Град Скопје не се одржа. 

Вчера, по редовната седница, на која се гласаше само за годишните извештаи на средните училишта, Зелен хуман град иницираше свикување вонтредна седница или дополнителна точка за расправа за состојбата на Вардариште и во „Дрисла“, но по паузата, претседавачот Страшо Ангеловски, не ја продолжи седницата, со образложение дека градоначалничката не била присутна. 

Двете локации се делумно или целосно под надлежност на Градот, а во изминативе две-три недели поради пожарите кои ги зафатија, ги труеја скопјани. Сепак, ниту градоначалничката во заминување Данела Арсовска, ниту советниците од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, партијата со чија помош Арсовска седна во градоначалничкото столче, не се надминаа себеси и не се охрабрија, барем на крајот од мандатот да покажат доблест и барем да расправаат за овој проблем, кој ги засега сите скопјани.  

Советничка во Советот на Град Скопје од Левица, Катерина Јовановска, обвини дека ВМРО-ДПМНЕ избегале од вонредната седница на која требало да се расправа за состојбата со пожарите во Вардариште и Дрисла.

„Советниците на ДПМНЕ во Советот на Град Скопје избегаа од вонредната седница на која требаше да се расправа за состојбата со пожарите во Вардариште и Дрисла!
Откако се изгласаа извештаите и програмите за средните училишта во Скопје и на дневен ред дојде точката за Вардариште и Дрисла после дискусијата на неколку советници, Претседавачот на Советот Страшо Ангеловски најпрво даде пауза од десет минути, а по паузата кога требаше да се продолжи со дискусија за овој проблем кој што во моментов најмногу ги тангира Скопјани, Ангеловски ја прекина седницата со образложение дека не е присутна Градоначалничката, по што советничката група на ДПМНЕ ја напушти седницата, со што снема кворум за работа.
Сакам да ги прашам колегите советници од ДПМНЕ, дали приметија дека Граначалничката од самиот почеток на седницата не беше присутна и зошто уште веднаш не ја прекинаа седницата , ако тоа им беше изговорот, туку ја прекинаа токму кога требаше да се дискутира за Вардариште и Дрисла?!
Впрочем, проблемот со екоцидот од Вардариште и Дрисла поради кој две недели Скопјани дишат токсичен воздух е проблем за кој и тоа како треба да се дискутира и да се изнајде итно решение, но очигледно на советниците од ДПМНЕ поважен им е инаетот кој веќе три години го водат со нивниот кандидат за градоначалник!
Остануваат да лебдат прашањата:
1.Зошто советниците на ДПМНЕ избегаа од расправа за Вардриште и Дрисла?
2.Зошто советниците на ДПМНЕ се единствените советниците во Советот кои не дадоа поддршка за одржување на вонредна седница за Вардариште и Дрисла
3.Зошто како најмногубројна советничка група во Советот, советниците на ДПМНЕ не иницираа до сега вонредна седница за овие круцијални прашања на Скопје и Скопјани?
Ако мислите дека после изборите ќе биде поинаку, се лажете!
Не може решение за проблемот, да бидат истите луѓе кои го креираат проблемот или кои и сега можат да најдат решение, но не сакаат или едноставно не знаат!
Одговорите на прашањата погоре мислам дека и самите ги знаете!“, напиша таа на социјалните мрежи.

Пред седницата да биде прекината единствено советничката од Зелен хуман град, Драгана Велковска, појасни што значи постоењето депонии:

Инаку ЗХГ бараше, со оглед на сериозноста на ситуацијата со која жителите на Град Скопје се соочуваат со денови, побара дополнување на дневниот ред на седницата од три точки и за нив прво да се расправа. 

Тие побараа информација за состојбата со Вардариште и Дрисла. Досега преземени активности од Градот и идни планови, информација од Секторот за заштита на животната средина за причините и решенија за надминување на нефункционалноста на страницата „Заштита на животната средина на Град Скопје“, каде би се нашле сите документи и студии за Вардариште да бидат  јавно достапни, како и информација од Секторот за заштита и спасување за степенот на спроведување на Стратешкиот план за намалување на ризици од катастрофи на Град Скопје за период 2022-2026 со детално образложение на спроведени активности.