ЗХГ бара јавна презентација за луна паркот – ако се предимензионира ќе штети на живиот свет
Јавна презентација на планот за изградба на Луна паркот во Скопје, бара Зелен хуман град, затоа што тврдат дека доколку се предимензионира, со сите пропратни елементи, паркинг, механичка бучава, сообраќај, би довел до нарушување на животната средина за живиот свет во Градскиот парк.
– Од моментот кога се почнати првите активности за обнова на Луна паркот до денес се сменија четири градоначалници и помина повеќе од една деценија, ама исклучувањето на јавноста остана константно – велат од ЗХГ.
Сега бараат граѓаните да кажат каков и колкав Луна парк сакаат: Замислете некој да се осмелеше да стави луда железница како во Дизниленд сред Централ парк во Њујорк? – опоентираат од ЗХГ
– Континуираната изградба, осветлувањето, големиот пешачки и автомобилски сообраќај и механичката бучава од реквизитите и луѓето кои ќе ги користат во текот на целата година би ги нарушиле природните живеалишта, би ги избркале птиците и животинките кои се во паркот! Поставувањето Луна парк со големи механички реквизити и возења во средината на Градскиот парк Скопје сериозно ќе го оштети биодиверзитетот на областа. Природните екосистеми зависат од стабилност, ниски нивоа на бучава и минимално човечко вознемирување – додаваат од таму.
Потенцираат дека Луна паркот има голема сентиментална вредност како место за спомени, дружење и рекреација на генерации скопјани, но да се задржи во неговите постојни граници, да биде парк за деца, а не евтин „Дизниленд“. Стариот Луна парк беше направен исклучиво за деца до 10-годишна возраст, а не за возрасни.
– Бараме итно да се организира јавна презентација на проектот и јавна расправа. Не може крупни проекти со потенцијал за штетни последици да се решаваат зад затворени врати – додаваат од ЗХГ.
Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, најави дека наскоро почнува изградбата на Луна паркот, ветување на неколку градоначалници пред него, но никој не го реализира.
Скопје ќе добие нов Луна парк, почнува јавната набавка за проектирање и монтажа
Во таа насока, минатата недела беа урнати и повеќе објекти на дискотеките кои се наоѓаа во негова непосредна близина.(Б.Б.)