Жешка расправа за уставните измени: СДСМ повика на разум, ВМРО-ДПМНЕ зборува за предавство
Дебатата во Комисијата беше исцрпена веќе првиот ден и заклучокот да се пристапи кон уставните измени беше изгласан со десет „за“ и седум „против“

СДСМ повикува на разум, ВМРО-ДПМНЕ зборува за предавство. Вака почна денес долгоочекуваната седница на Комисијата за уставни прашања на која премиерот Димитар Ковачевски им порача на пратениците дека сега е на нив ред да донесат одлука битна за интересите на државата и ги повика сите партии да ги изненадат граѓаните постигнувајќи консензус за измените на Уставот со кои ќе се додадат во него уште пет припадници на народи.
Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, со куп навреди и омаловажувања кон власта ја нарече оваа политика „губитничка“ и најави дека по него пратениците на главната опозициска партија немаат веќе што да кажат, дека нема да има други дискутанти од партијата и дека оваа расправа е – осудена на пропаст. Па, ја повика власта да го стави предлогот веднаш на гласање, а претходно утрото Александар Николоски најави дека тие „денеска ќе гласаат против уставните измени“.
Во своето обраќање премиерот Ковачевски рече дека нема да има подобар договор и нема да има друга преговарачка рамка и дека тоа не е негова порака, туку на Европската унија.
„Министрите во Владата покажаа совесност и едногласност. Го утврдивме предлогот за Уставот и решивме да не калкулираме со партиски рејтинзи, одлучивме да не мислиме за себе, туку за европската цел. Во следните неколку недели ќе стане јасно кој мисли за себе, а кој мисли за своите деца и за граѓаните. Секој сам треба да одлучи дали ќе даде глас за Европа или ќе го задуши гласот на совеста во себе и ќе одлучи да ја однесе земјата во изолација по нечиј налог“, рече Ковачевски.
„Уставноправната поставеност и традиција на Македонија во која се афирмира јазичниот, верскиот и културниот идентитет на сите заедници во нашата земја започна уште во државнпоправните традиции наведени во Крушевската република и во одлуките на АСНОМ. Нашата земја денес е вистински пример за функционална мултиетничка демократија и преку уставните акти ние сме општество кое гарантира еднакви права на сите заедници. Со тоа што развиваме еднакво општество за сите граѓани, препознаени сме од Европа и сме Европа на мало. Оттука обврската преземена во рамки на преговорите со ЕУ е исклучиво со уставните традиции.
Денес има неповторлива шанса да се продолжи евроинтегративниот пат и потоа со забрзани чекори да влеземе во ЕУ. Граѓаните нема за што да бидат загрижени, а ние треба да носиме мудри одлуки кои нема да ја заглават државата во изолација. По 17 години ги отворивме преговорите со таква мудра одлука и притоа јазикот и идентитетот се заштитени. Примарен фокус на уставните измени е да не задираат во ниту едно идентитетско прашање. Ние не треба да ја пропуштиме оваа шанс. Еднаш тоа се случи кога се одвоивме од Хрватска која 10 години е членка. Европските претставници рекоа дека има големи шанси Албанија да се издвои од нас и да продолжи напред ако ние не ги донесеме уставните измени“, рече Ковачевски.
Тој ги изнесе придобивките, но и штетите од евентуалното непоминување на уставните измени.
„Од ЕУ пораките се дека пристапните преговори ќе запрат ако уставните измени не поминат, и дека другите земји ќе одат напред, а нашето членство ќе биде одложено. Тука е укажувањето дека ако Северна Македонија одлучи против уставните измени и се тргне од патот кон ЕУ, тоа ќе биде многу загрижувачки чекор за членките на НАТО и ќе има влијание врз односите со САД“, кажа Ковачевски.
Мицевски, пак, уште во првата реченица најави дека ВМРО-ДПМНЕ нема да гласа за уставни измени под диктат, притисок и наметнувања со кои се урива суверенитетот
„Имаме глува и слепа власт која за ден повеќе на фотелја, за тапшање по рамо, за комшијата да и поклонува луксузни коли, за фарми за канабис, за фотоволтаици или бесплатни трговски центри е подготвена да прави отстапки до целосно обезличување. Абер нема тука од граѓански консензус по виталните национални прашања. Сите работи ги водите до степен на свршен чин, преземате штетни договори и барате да ги прифатат сите“, рече Мицевски, обвинувајќи ја владата дека со Договорот со Бугарија од 2017 година довела до ескалација на ситуацијата и комплетно бугарско негирање на државата, со пораката – „без борба ја предадовте Македонија“.
Според него, уставните измени ќе отворат пат за такви негирања и во внатрешната правна рамка, па го нарече справувањето на власта со спорот „тиранија на национално предавство“ поради што, како што забележа, седат денес во Собранието со наведната глава, на што пратениците од власта се изнасмеаја гласно.
„Нека не ве замајуваат изјавите на Маричиќ, Османи и сличните дека ова е шанса која не смее да се пропушти. Дека ова било шанса да се направела разлика меѓу македонскиот и бугарскиот народ. Секој еден кој без овие измени не умее да прави разлика меѓу двата народи и засебната различна илјадолетна историја, не смее да биде дел од овие клупи и овој Парламент, светиот дом на народната волја, права и достоинство. Не, господа, ова не е никаква шанса за напредок на целата држава. Ова е само шанса за нивно лично профитирање на грбот на македонскиот народ и Македонија“, драматизираше Мицевски.
Мицевски тврдеше дека уставните измени што ги барала ВМРО-ДПМНЕ ќе биле гаранција дека евроинтеграцијата ќе се одвива без говор на омраза, расправање за историски прашања и слични теми, туку според Копенхашките критериуми. Вака, според него, евроинтеграцијата ќе се претвори во бескраен процес, бидејќи ќе се претворат во решавање дали да се прифатат бугарските наративи за Кирил и Методиј, Гоце Делчев, Илинден и слично, додека Копенхашките критериуми се лесно мерливи и не се подвижна цел. На крајот им порача на владејачките партии дека тоа што велат оти одлуките што ги направиле биле тешки не значи дека биле и добри.
Пратеникот на СДСМ, Мартин Костовски, посочи дека со измените се унапредува Уставот и не се загрозува ниту едно идентитетско прашање, а истовремено се забрзува процесот за членство во ЕУ. Костовски се осврна и на лицемерието на пратениците од ДПМНЕ.
„Лесно е да велиш дека не го поддржуваш Договорот од Преспа, а да гласаш Северна Македонија да биде членка на НАТО. Лесно е да бојкотираш референдум и да глумиш патриот, а со самото гласање Северна Македонија да биде членка на НАТО директно го прифаќаш референдумското прашање. Лесно е со шпекулации да будиш чувства кои задираат до секој Македонец за македонскиот јазик, а да не дојдеш да гласаш ниту за Договорот со ФРОНТЕКС, прв договор потпишан на македонски јазик со ЕУ. Лесно е со лаги да зборуваш за наводна бугаризација и асимилација, а да не дојдеш да гласаш за заклучоците за преговарачката рамка, каде е заштитен целосно македонскиот јазик и македонската посебност во ЕУ или пак да не гласаш за законот за унапредување на македонскиот јазик. Со прст да не мрднеш, а не пак да лобираш или да го поздравиш тоа што германскиот Бундестаг донесе Резолуција за македонскиот јазик, идентитет и култура и дополнително тоа да го маргинализираш како небитно, исто така е лесно. Лесно е, ама не е фер. Не е фер за македонските граѓани. Не е фер да им ја крадеш иднината на македонските граѓани за мали, ситни, бедни политички поени и борба за власт“, посочи Костовски.

Во расправата се јавија и преставници на сите други политички партии, при што преставниците на албанската опозиција главно бараа да се исправи „растројството во балансот“, како што рече Фадил Зендели од Беса, во значењето на Албанците во Уставот по додавањето на другите пет народи поради што бараше да се вклучи и барањето за бришење на фамозните 20 отсто.
Пратеникот на Левица, Димитар Апасиев тврдеше дека никогаш нема да има уставни измени.
„Никогаш нема да има уставни измени. Ова ќе биде нашето единствено излагање по предлогот, затоа што сметаме дека материјална расправа е безвредна, бидејќи вие премиере ја направивте сметката без крчмар, влеговте во процесот вртоглаво без да обезбедите двотретинско мнозинство. Навистина е излишно материјална расправа по оваа прашање“, рече Апасиев.
Тој ја обвини власта дека не обезбедила никакви државнички гаранции и посочи дека Бугарија и други земји можат да ни стават вета на патот кон ЕУ.
„Што е најтрагично, не обезбедивте никакви државнички гаранции дека нема да има нови вета и тоа не само од Бугарија. Бугарија има уште 35 пати шанса да ни стави вето и ќе ни стави. Ќе ни стават и други земји. Сето она што ние денес го зборуваме е една обична козметика знаејќи дека влегуваме во еден лузерски процес, бидејќи вие навикнавте и сакате и нас како македонска нација да не навикнете на порази“, рече тој. Според Апасиев никој не говори за правните последици кои ќе произлегуваат од процесот на уставните измени, а не само внесување на Бугарите во нашиот Устав.
Дебатата во Комисијата беше исцрпена веќе првиот ден и заклучокот да се пристапи кон уставните измени беше изгласан со десет „за“ и седум „против“. Н а 18 август е закажана пленарна седница на која власта ќе треба да обезбеди 80 пратеници кои ќе гласаат за отворање на Уставот.