Жерновски демантира дека бил амбасадор „на диво“
Како доказ за, како што вели, трагикомичните лаги, амбасадорот ја објави фотографијата од предавањето на неговите акредитиви во романското МНР. Дополнително, онаму каде ќе биде потребно, вели ќе ја достави и неговата лична карта во Романија, која се издава на дипломати, на која пишува дека е амбасадор на Република Северна Македонија во Букурешт. Истата е издадена од Министерството за надворешни работи на Романија.
Во однос на амбасадорите Љубомир Фрчкоски во ОН, Жерновски во Букурешт и Весел Мемеди во Рим, шефот на дипломатијата Муцунски вчера рече дека амбасадорот Фрчкоски поднесе оставка, но тоа, додаде, не значи дека тука се завршени процесите околу внатрешна ревизија за финаниското работење, бидејќи, рече, тоа е сосема друго прашање.
-Во врска со амбасадорот Жерновски, и амбасадорот Мемеди се водат внатрешни процедури во рамките на Министерството за надворешни работи, во согласно со Законот за надворешни работи и соодветно ќе бидете информирани кога ќе завршат тие процедури. Формално правно амбасадорот Мемеди е сè уште амбасадор. Формално правно, амбасадорот Жерновски никогаш не ни станал амбасадор во Букурешт, бидејќи нема предадено акредитивни писма, додека Фрчкоски е амбасадор во оставка, рече Муцунски, одговарајќи на новинарски прашања на заедничката прес-конференција со актуелниот претседавач на ОБСЕ, министерот за надворешни работи и трговија на Малта, Јан Борг.