Женски Економски Форум: Финансиски едуцирано население за сопствен, но и за општествен раст и развој

Потребно е натамошно унапредување на финансиската писменост кај младите преку наставни и воннаставни активности, со цел тие да можат да имаат квалтетен живот, да го планираат сопствениот буџет и финансии и паметно да ги користат средствата со кои располагагаат, сметаат учесниците на денешниот трет Женски Економски Форум што се одржа во Скопје.
-Денеска на овој настан дискутираме за финансиското образование на младите луѓе што претставува услов за нивно идно квалитетно живеење, односно за планирање на сопствениот буџет и финансии, за користење на средствата кои им се на располагање и за добивање некакви предзнаења за економското работење. Македонското образование во своите програми содржи елементи на финансико образование и во основно и во средно образование, преку обврзни и изборни предмети различно во основното и во средното образование, каде децата ги стекнуваат знаењата кои им се потребни на соодветно ниво на нивна возраст за натамношно работење или водење на сопствените финансии, рече министерката за образование и наука Весна Јаневска.
Секој систем, додаде таа, може да биде подобрен и затоа Министерството заедно со Бирото за образование, Народната банка, Македонската банкарска асоцијација и други институции постојано разменува информации и искуства за да го подобри и овој сегмент во образовниот процес.
-Според ОЕЦД финансикото образование и писменост и повисоките степени се инкорпорирани во многу предмети во образованието како математика, граѓанско општетсво, бизнис, претприемништво, иновации, но, секако постојат и посебни обврзни и изборни предмети во различни периоди на образованието. Она што дополнително би можело да се направи се дополнителни обуки, првенствено на наставниците, проектни задачи за учениците, работилници организирани со помош на стручни лица, разни воннаставни активности со што би се задоволиле потребите, смета министерката.
Ана Докоска претседателка на здружението „Јас сум жена“ вели дека овој тип настани се можност да се увиди состојбата со финансиската писменот кај децата и младите, предизвиците со кои се соочуваме и кои се можни решенија за надминување или подобрување. Покрај воннаставните активносто, смета таа, би било добро и во сите училишта да се воведе предмет за финансиска писменост.
-Според нашите истражувања не сите училишта имаат предмет за финансиска писменост и преку вакви настани посакуваме да издејствуваме еден ден во сите да има предмет за финансиска писменот бидејќи финансиски едуцирано население придонесува кон општествен раст и развој, рече таа.
Форумот се одржува во организација на „Јас Сум Жена“, „Global Shapers Skopje Hub“, Факултетот за туризам и бизнис логистика при УГД Штип и авторката на курс и планер за лично буџетирање „Мој Буџет“ – Јасмина Христовска, под покровителство на Општина Кисела Вода.
Како што информираат од Здружението за вмрежување на успешни жени, едуцирање и истражување „Јас сум жена“ меѓу главните панелистки на форумот се министерката за образование и наука, Весна Јаневска и министерката за финансии, Гордана Кочоска Димитриеска.
На тема сајбер ризици и заштита на личните податоци, говорат Кристина Јовановска, предводник на услугата за управувана безбедност во Австрија, Германија и Швајцарија во Avanad, Анастасија Ристовска, MBA- Основач на Books at ease и Next generation, Марија Ѓоргиева, заменик директор за стратегија и развој при Глобалната сајбер алијанса и Василка Апостолска, самостоен советник – Канцеларија за супервизија на информативни системи – Сектор за супервизија – НБРМ.