Женска трка во поддршка на жените со мултипла склероза


Во Градскиот парк во Скопје утрово се одржа јубилејната 10-та „Авицена женска трка“ која годинава беше посветена на зголемување на јавната свест за мултипла склерозата (МС), дегенеративно заболување кое три пати почесто се дијагностицира кај жените наспроти мажите.

Приближно две илјади учеснички на Женска трка имаа можност да дадат поддршка на жените со мултипла склероза, со поставување на портокалова панделка која беше содржана во стартниот пакет, наведуваат од Националното здружение за помош и поддршка на лица со мултипла склероза, кое беше вклучено во манифестацијата организирана од Сојуз на спортови на Скопје, под покровителство на Град Скопје.

Трката со години е доказ дека жените без разлика на возраста имаат спортски дух, а здравите навики се дел од нивното секојдневие.

„Денешната 10та по ред, Авицена Женска трка со над 2000 учеснички, што е 50% повеќе од очекуваното, е порака дека припадничките на понежниот пол се грижат за себе си, за своето здравје и среќа. Горда сум дека го надминавме рекордот на заинтересирани жени од цела земја, кои докажаа дека динамиката се гради преку спорт. Испраќам порака до сите жени, во уште поголем број да се пријават и да земат учество инекои од наредните настани во следниот период или наредната година на 11тото издание на Авицена Женска Трка.“, изјави Гордана Николовска од Сојуз на Спортови на Скопје.

Учесничките на Авицена Женската трка трчаа 3 километри, а стартот и целта на трката беа во Градски парк.

Оваа година, од вкупниот број учесники прва до целта пристигна Весна Кираџиева за 12 минути и 22 секунди, второто место ѝ припадна на Бојана Наумовска со 12 минути и 35 секунди и на трето место се најде Вера Украдевска, која ја истрча патеката за 12 минути и 35 секунди.

По прогласувањето на најдобрите учеснички следуваше лотарија со извлекување на стартни броеви и најсреќните се здобија со подароци од партнерите на Авицена Женска трка 2022.

Конечните резултати од овогодинешната Авицена Женска трка може да се проследат
на tagtiming.mk.

Авицена Женска трка и оваа година покажа дека спортската култура кај женската популација се зголемува од година во година и дека со добра организација секој може да води здрав живот.

-Нашата покана да трчаат за жените со МС и да го носат симболот на МС – портокаловата панделка, ја прифатија голем број учеснички на Женска трка, а меѓу нив голем број наши соработници, искусни маратонци, познати и помалку познати лица кои ни дадоа несебична поддршка. Наш знак на препознавање беше портокаловата панделка која ја носеа сите учеснички кои трчаа за жените кои се соочуваат со МС. Уште еднаш би сакале да им се заблагодариме на сите кои дадоа несебичен придонес во оваа наша приказна чија цел беше подигнување на јавната свест за ова хронично заболување, а посебно за жените со мултипла склероза. Со заедничка заложба можеме да влијаеме врз оние кои носат одлуки за да направиме позитивни промени кај лицата со мултипла склероза, порачуваат од Националното здружение.

Мултипла склероза е хронична, прогресивна, воспалителна, дегенеративна болест на централниот нервен систем и една од најчестите причини за инвалидитет кај младата работоспособна популација. Симптоми на мултипла склероза: заматен вид, двојни слики, слабост и отежнато движење, нарушување на рамнотежата и вртоглавица, проблеми со говор и голтање, когнитивни и емотивни нарушувања и многу други.

Во РСМ живеат повеќе од 1.500 лица со мултипла склероза, а секоја година се дијагностицираат околу 90 – 120 нови лица. Повеќето лица со мултипла склероза се дијагностицираат на возраст од 20 до 40 годишна возраст, односно во најпродуктивните години од животот.

Национално здружение за помош и поддршка на лица со мултипла склероза е доброволно, непрофитно, невладино и непартиско здружение на граѓани, формирано заради остварување заштита, унапредување и усогласување на правата, потребите и интересите, како и вршење на дејности и активности со цел подигање на јавната свест за мултипла склероза. Oсновано е 2019 година и е полноправна членка на Европската МС Платформа (анг. European Multiple Sclerosis Platform, EMSP), на Светската алијанса на пациенти (анг. World Patient Alliance) и асоцијативна членка на Алијансата на пациентски организации (АПО).