Жељзаков: Реформата на ОН не е избор туку неопходност


Премиерот Росен Жељасков

Премиерот на Бугарија, Росен Жељазков во синоќешниот говор на Генералното собрание на ОН истакна дека реформата на Обединети нации не е избор туку неопходност.

Тој наведе дека Бугарија целосно ја поддржува иницијативата на генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш за ревизија на мандатите, структурни реформи и поефикасно користење на ресурсите на организацијата.

Жељазков нагласи дека и Советот за безбедност мора да се реформира.

– Ни треба пофер распределба на членството, дополнително непостојано место што ќе ѝ се додели на источноевропската група и ограничувања за злоупотреба на правото на вето, посочи Жељзаков.

Според него Генералното собрание „мора да остане срцето на оваа организација“.

Бугарскиот премиер во својот говор се осврна и на конфликтот во Украина.

– Ова не е само европски конфликт, туку го загрозува легитимитетот на ОН. Целосно е неприфатливо за членка основач на ОН и постојана членка на Советот за безбедност да води војна без да го земе предвид меѓународното хуманитарно право. Единствениот пат кон мирот е јасен: суверенитетот на Украина мора да се почитува, а нејзиниот територијален интегритет целосно да се обнови, наведе Жељзаков.

Тој ја спомна и војната на Блискиот Исток.

– Бугарија жали за загубата на секој невин живот – и Израелец и Палестинец. Не смееме да дозволиме оваа трагедија да остави траен белег врз совеста на човештвото, посочи Жељзаков.

Според него, кризите на Блискиот Исток и Северна Африка се поврзани и ја загрозуваат регионалната стабилност.

– Јемен се соочува со глад и болести, Сирија има потреба од сеопфатен дијалог под покровителство на ОН за демократска транзиција, а Судан е на работ на колапс поради тековните борби и масовното раселување, истакна Жељазков.

Тој додаде дека Бугарија повикува на нова „регионална безбедносна архитектура предводена од ОН, заснована на дипломатија, почитување на суверенитетот и долгорочни инвестиции во мир и развој“.