Железничката станица Скопје повеќе нема да биде големо рекламно пано и турбо-фолк хаб

Железничката станица во главниот град на државата, еден од симболите на модернистичко Скопје, градена според проект на славниот јапонски архитект Кензо Танге, повеќе нема да биде како големо рекламно пано и турбо-фолк хаб. Ова денес на прес-конференција го изјави Синиша Ивановски, директор на Македонски железници Инфраструктура, најавувајќи го проектот за целосна реконструкција на железничката станица, која, како што посочи, ќе го задржи основниот изглед како што е направена во 1981 година според проектот на Кензо Танге, но притоа ќе има и нови современи и модерни елементи во архитектурата.
Проектот ќе се спроведува заедно со Градежниот факултет и со Архитектонскиот факултет (и двата дел од УКИМ), чии декани, Јосиф Јосифовски (на Градежен факултет) и Анета Христова-Поповска (на Архитектонски факултет) исто така беа на прес-конференцијата.
„Сите сме сведоци во каква незавидна состојба е Железничката станица. Со години, па и со декади воопшто не е обрнато внимание за нејзино одржување, што доведе до ситуација и состојба во која што еден од најеминентните објекти во државата да стане објект кој што е речиси и за презир“, изјави Ивановски.
Тој додаде дека заедно со Архитектонскиот и со Градежниот факултет ќе се направи целосна реконструкција на станицата, нагласувајќи дека особен акцент ќе биде зачувување на основниот изглед како што е направен во 1981 година според проектот на Кензо Танге, но притоа ќе има и нови современи и модерни елементи во архитектурата.
„Ќе има промена на инсталации, на електроинсталации и ќе се реши греењето и ладењето, водоводот… Она што станицата изгледа како пит-стоп на Формула 1 веќе нема да биде така“, рече Ивановски посочувајќи дека ќе има забрана за рекламирање и ставање на било какви билборди и се што во моментот може да се види на станицата.
Тој рече дека за тоа нема да се чека проектот, односно дека ќе се почне веднаш со отстранување на дел од билбордите, на оние на кои договорите кои што ги имаат за закуп им истекуваат нема да бидат продолжувани, а другите ќе бидат замолени за совесно и одговорно општествено однесување односно за спогодбено раскинување на договорите.
Ивановски најави и промена на содржините на Железничката станица.
„Железничката станица не може да биде турбо-фолк хаб во државата. Може да има содржини од општествен интерес, нека има аптеки, цвеќари, комерцијални содржини кои што се општо прифатени секаде во светот, но доградби, ќебапчилници и ред други работи од кои што мирисот се шири внатре во станица, со новиот проект нема да бидат дозволени“, рече Ивановски.
Тој додаде дека самата станица и нејзините столбови се рекламно пано за концерти во државата.
„Тоа нема да биде дозволено почнувајќи од сега, а со новиот проект кој што ќе се случува од денеска натаму, ќе има целосно нов изглед и правила, но повторувам билборди, реклами, графити повеќе нема да ги има“, рече Ивановски.
Инаку, покрај реконструкција на Железниката станица Скопје, денеска на прес-конференцијата беа најавени и уште три значајни проекти кои Македонски железници Инфраструктура ќе ги реализира со Архитектонскиот и Градежниот факултет.
Станува збор за санација на мостот Црна Река, кој како што објасни Ивановски е во крајно загрижувачка состојба и кој веќе се има делумно срушено во 2022 година.
„Тоа ќе значи крах и застој за железничкиот сообраќај во државата“, рече Ивановски.
Другите два проекти се санација на неколку свлечишта низ државата, како и ремонт на пругата од Зелениково до Велес.
„Има огромен број поплаки за бавно движење на возовиите, од 10-20–30 километри на час, и ова ќе биде проектирано од страна на Градежниот факултет“, рече Ивановски, додавајќи дека, сепак, она што најмногу придонесува кон јавниот интерес, е почнување со проектирање за целосна реконструкција на Железничката станица во Скопје.
Првиќно, се очекува најмалку една година да се изработува проект, по што ќе следат фазите на обезбедување финансии и градежни работи, а целиот проект се предвидува да заврши за пет-шест години, во исто време со пуштањето на брзата пруга на Коридорот 10 и железничкиот крак до Меѓународниот аеродром Скопје.
Ивановски појасни дека финансирањето ќе биде или со државниот Буџет, или со заем од класичните заемодаватели, како ЕБРД, ЕИБ, комерцијалните банки, а не ја исклучува можноста тоа да биде како дел од стратешкото партнерство со Велика Британија, односно заемот наменет за инфраструктурни проекти. (М.Ј.)