Жбогар: Државата е подготвена токму сега да ги започне преговорите


Во Извештајот кој денеска го презентирав се зборува за промените и навистина ми е драго што се јавуваат промени во начинот на размислување, а ништо не го потврдува тоа од денешниот состанок на кој на една маса имавме претставници од сите политички партии и сите засегнати страни кои зборуваат за иднината на оваа држава во ЕУ, рече амбасадорот на ЕУ во земјава Самуел Жбогар по предавањето на Извештајот на Европската комисија на претседателот на државата во Вила Водно.

Според Жбогар, тоа претставува охрабрување за новото време кое доаѓа за државата и за иднината што неа ја чека, нарекувајќи ја земјава  уникатна држава во Западен Балкан.

– Република Северна Македонија е навистина уникатна држава во Западен Балкан, уникатна е на посебен начин. Собранието е единствениот парламент во регионот во кое опозицијата и власта седат заедно внатре и дискутираат за законите кои треба да ја подобрат државата и судството, но и единствената земја во регионот која нема никакви проблеми со соседите, туку напротив развива многу добри односи со нив и тоа не само со соседите, туку со сите земји во регионот, истакна Жбогар.

Евроамбасадорот повтори дека препораката е многу јасна  и дека сите услови што биле поставени од страна на земјите членки на ЕУ во јуни 2018 година се исполнети за добивање датум за преговори.

-Државата е подготвена  токму сега да ги започне преговорите. Секако работата не треба тука да престане, реформите треба да продолжат и очекувам ентузијазмот да продолжи и во иднината, потенцира Жбогар.