Жан Митрев: Срам да им е на тие што ме обвинуваат за профитерство
Клиниката Жан Митрев нема земено ниту денар повеќе од пациентите за време на пандемијата, дури ниту поради погрешна финансиска пресметка. Управата за јавни приходи како и независни вештаци утврдија дека секој депозит што е земен, а не бил искористен, до денар е вратен на пациентите, тврдеше денес д-р Жан Митрев на прес конференција.
-Стотици странски државјани дојдоа за време на Ковид и за нивното лекување платија реномирани меѓународни осигурителни компании од Англија, Германија, Италија, Швајцарија, ова е показател за ревносното финансиско работење на Клиниката, а успешноста на лекувањето воопшто не било ниту тема за разговор. Во 2020 година на нашите пациенти им вративме над 2 милиони евра, во 2021 година вративме 3 милиони и 200 илјади евра од аванси. За какво профитерство се зборува овде, доколку сме сакале да направиме нешто зар ќе им вратевме на пациентите 5 милиони и 200 илјади евра во време на Ковид. Срам да им е на сите кои нè обвинуваат за профитерство, порача Митрев.
Според него, во текот на лекувањето на пациентите ништо не е направено вон насоките и процедурите, а со хемофилтрацијата се спасени човечки животи. Тоа се потврдува и со смртноста којашто во клиниката е ниска во време на КОВИД. Според деталните болнички извештаи во Жан Митрев клиника биле хоспитализирани вкупно 1.738 третирани пациенти, од кои 1.296 преживеале, со што стапката на успех во третманот на пациентите со компликации од Ковид-19 во Жан Митрев клиника изнесува 74,6%, тврди Митрев.
Против Митрев се води постапка по објавувањето на документарецот на ИРЛ „Нечиста крв“ во кој роднини на пациенти сведочат за загубата на нивните блиски кои со хемофилтрација на крвта биле лекувани во приватната клиника во текот на ковид пандемијата.