Жан Митрев се жали дека бил дел од жртвите на мрежата на „ДоказМ“


„Жан Митрев“, по информацијата на Обвинителството за претресот во домот на Марјан Стаменковски, сопственикот на „Доказ.мк“, се огласи со тврдење дека клиниката се соочила со блокирана смета три недели на која имало средства во вредност од 1,5 милиони евра само три дена откако порталот го најавил тоа во јавноста.

„Клиниката Жан Митрев во континуитет изминативе седум месеци болницата се соочува со координирани постапки од повеќе чинители со намера да се влијае на редовното работење на болницата.Во неколку наврати на порталот ДоказМ се објавуваа текстови базирани на информации во предистражната постапка во кои беше најавувано какви мерки ќе бидат преземени против Клиниката Жан Митрев.За овие индиции за поврзаност да бидат уште поочигледни, се случи токму тоа што го бараше ДоказМ во текстот на порталот со датум 15.11.2022, односно да се блокира сметката на Клиника Жан Митрев и да се забрани продажба на удели!Три дена после објавата на овој текст на датум 18.11.2022 јавното обвинителство донесува идентична одлука како бараната од Доказ М со која ја усвојува мерката и ја блокира сметката на Клиника Жан Митрев!

Да потсетиме дека цели три недели сметката на Клиника беше блокирана и со тоа се влијаеше на редовното работење на болницата. Одлуката беше обжалена, забраната тргната. Иако клиниката сега не е блокирана, можноста за повторно блокирање се уште постои поради тоа што судот ја врати одлуката на повторно разгледување“, соопшти клиниката.

Од таму јавно прашуваат како одлуките на една државна институција се случуваат врз база на она што го пишува порталот ДоказМ и дали со тоа некој сака намерно финансиски да ја уништи Клиниката и нејзиното работење преку свесно блокирање на 90 милиони денари.

„Дали целта на оваа хајка и операција е непријателско преземање на клиниката преку нејзино носење на раб на економски пропаст за да може да се преземе по багателна цена?“, прашуваат од таму.

За ова ќе бидат известени Хелсиншкиот комитет, Комисијата за заштита од дискриминација, како и Советот за етика во медиумите.