Зградите за ФИНКИ и Факултетот за физичка култура ќе се доизградат


Меморандум за соработка потпишаа денеска министерката за образование Весна Јаневска, ректорот на УКИМ, Билјана Ангелова, деканот на Градежниот факултет професор Горан Марковски и директорот на СОЗР, Ивица Томовски, со цел да се доизградат зградите за ФИНКи и Факултетот за физичка култура, во близина на комплексот факултети при УКИМ, спроти ТЦ „Мавровска.

Тие стојат неизградени од 2019 година, анивната изградба почна во 2015 година. 

„Планираме завршување на двата објекти на универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје за потребите на ФИНКИ и Факултетот за физичко обрзование, спорт и здравје. Изградбата е започната во 2015, а сопрена од 2019 година. Повеќе од шест години нема никаква теренска активност. Во овој период истечена е важноста на дозволата за градба, изменети се дел од законските решенија, а отпочнатите објекти кои се на ниво на карабина се во лоша состојба3, рече министерката Јаневска на денешната прес-конференција.

За да се откочи дел од заглавениот процес денеска МОН потпишува меморандум за соработка со Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, со Градежниот факултет и со СОЗР.

„Формираме работна група во која секоја инстиуција се обврзуваат да спроведат индивидуални и заеднички активности со кои ќе се обезбеди чиста ситуација за продолжување на изградбата на овие два објекти. Заедно ќе извршиме увид на физичката состојба на објектите, ќе направиме преглед на расположливата инвестициско-техничка документација и дефинирање на начинот на кој би се продолжила изградбата, за да користат на крајните корисници“, додаде таа.

Постојните проекти се стари повеќе од десет години,а Јаневска очекува до крајот на годината да се спроведе постапка за јавна набавка по нови проекти за да се одбере најповолниот изведувач.

Деканот на Градежниот факултет ќе биде одговорен за формирање на работната група кој е најкомпетентен да избере соодветни луѓе кои ќе усчествуваат во процесот.

Меморандумот нема финансиска компонента и нема фискални импликации.

Според потпишаните договори за реализација на проектите во 2015 година ФИНКИ требаше да чини 784 милиони денари, но само 40 отсто се реализирани или исплатени, односно 110 милиони денари. Факултетот за Физичко образование, спорт и здравје трбаше да чини 432 милиони денари, а реализацијата на проектот е 16,9 отсо или исплатени се 73 милиони денари.

„За нас како Универзитет ова е од големо значење. ФИНКИ е еден од најголемите факултети во државата со повеќе од 5.000 студенти, а се сместени во привремени објекти. Факултетот за физичка култура е сместен во супстандардни услови, такашто ова ќе биде  значително подобрување на условите во кои работеа нашите професори и учеа нашите студенти“, рече Ангелова.

„Градежниот факултет ја покажува општествената одговорност и ќе ја преземеме оваа исклучитлено битна задача за да си помогнеме самите себеси, односно да ја завршиме работата за нашиот Универзитет, за да го спречиме понатамошното пропаѓање на објектите“, рече Марковски, според кој најлоша варијанта е овие објекти да останат во состојбата во која што се.

„Да ја увидиме нивната моментална состојба и да најдеме најсоодветен начин за нивно одржливо завршување. Покрај експерти од Градежниот факултет, во оваа работна група ќе бидат вклучени и наши колеги од другите факултети при УКИМ, како Архитектонскиот, Институтот за земјотресно инженерство, инженерска сеизмологија (ИЗИИС), Електрофакултетот, Машинскиот и други, за да се вклучи сето знаење и капацитети што ги имаме за да добиеме оптимални објекти коишто ќе служат на Универзитетот“, додаде Марковски.

„Веќе неколку месеци работиме на тоа да го продолжиме овој проект. Во овој момент заклучивме дека ќе ни треба стручна помош за да ги направат сите потребни анализи, за објектите кои стојат непокриени, но и за машинскиот дел, електриката, греењето, но и за основниот проект, затоа што и фасадата нема да биде планираната Нема да нѐ чини ни денар, затоа што тоа ќе го направат нашите факултети како Градежниот и сите кои треба да им помогнат“, рече Јаневска, а тие ќе го направат тоа без никаква надокнада.

До крајот на годината или на почетокот на следната ќе биде објавен тендер за изградба, а дали ќе се градат двете одеднаш или една по една останува да се види.