Зголемен индикаторот на доверба во преработувачката индустрија


Според оценката на раководителите на деловните субјекти, индикаторот на доверба во преработувачката индустрија во мај 2022 година е зголемен за 0.2 процентни поени во однос на април и изнесува 13,4, а во однос на мај 2021 година е намален за 1,4 процентни поени, соопшти Државниот завод за статистика.

Состојбата на обезбеденоста на производството со порачки во мај 2022, во однос на април 2022 година е поповолна, очекувањата за обемот на производството во наредните три месеци се поповолни во однос на претходниот месец, а залихите на готовите производи се зголемени.

Оценката за економската состојба на деловните субјекти во мај 2022 година е понеповолна во однос на претходниот месец, а понеповолна и во однос на мај 2021 година. Се очекува бројот на вработените да се намали.

Просечното искористување на капацитетите на деловните субјекти во мај 2022 година изнесува 65,4 отсто од нормалното искористување.

Најголемо влијание врз ограничувањето на обемот на производството имаат следните фактори: недостигот на квалификувана работна сила со 20,1 отсто, недоволната странска побарувачка со 17,9 отсто, неизвесното економско опкружување со 14,2 отсто и недоволната домашна побарувачка со 12,2 отсто.