Земјотрес од 7,4 степени во Тајван – урнати згради, мртви и заробени (видео)


Тајван го погоди земјотрес со јачина од 7,4 степени според Рихтер, најсилниот во последните 25 години. Неколку згради беа урнати. Најмалку четворица се мртви, а има и затрупани.

Телевизиските станици емитуваа снимки од згради како се нишаат во густо населениот источен град Хуалиен, во близина на епицентарот на земјотресот.

Земјотресот, кој предизвика прекин на електричната енергија во главниот град Тајпеј, се случи во 7:58 часот по локално време на длабочина од 15,5 километри од јужниот брег на Тајван, соопшти државната сеизмолошка служба.

Јапонскиот центар за земјотреси објави дека неколку мали цунами стигнале до јужната префектура Окинава и подоцна го укинале предупредувањето за плимниот бран. Сеизмолошката агенција на Филипините исто така издаде предупредување за жителите на крајбрежните области и ги повика да се засолнат на повисоките места. Во меѓувреме, предупредувањата за цунами се суспендирани.

Земјотресот бил почувствуван во Шангај, Кина, велат очевидци. Кинеските медиуми јавуваат дека се почувствувал и во Фуџоу, Ксијамен, Куанжу и Нингде во провинцијата Фуџијан.

Во Тајпеј сè уште се чувствуваат последователни потреси, најмалку 25 досега, според жителите. Повеќе од 87.000 домаќинства останаа без струја, а запрени се и брзите железнички возови.

Научниот парк Јужен Тајван, кој е дом на важен производител на полупроводници, објави дека компаниите работат нормално. И тој технолошки гигант најави дека производството се одвива без прекин.

Државната новинска агенција соопшти дека тоа е најсилниот земјотрес од 1999 година, кога земјотрес со јачина од 7,6 степени според Рихтеровата скала го погоди Тајван, при што загинаа околу 24.000 луѓе, а уништени или оштетени се 50.000 куќи.