Земјотрес од 6,1 степен регистриран во западна Турција

Истанбул – Земјотрес со интензитет од 6,1 степени ја погоди западна Турција, соопшти турската агенција за управување со катастрофи, а локалните медиуми објавија дека потресот бил почувствуван во неколку области во државата.
Агенцијата за управување со катастрофи соопшти дека земјотресот се случил околу 19:53 часот по локално време во провинцијата Баликесир, во близина на најголемиот град во Турција, Истанбул, но нема засега извештаи за жртви или штети во ниту една од погодените области.
Министерот за внатрешни работи Али Јерликаја напиша на Х дека тимовите за итни случаи започнале проверки во Истанбул и соседните области, но нема непосредни извештаи за жртви, повредени или оштетени згради.
Турската агенција за управување со катастрофи соопшти дека земјотресот бил на длабочина од 11 километри, додека Германскиот истражувачки центар за геонауки регистрирал јачина од 6,19 степени и длабочина од 10 километри.