Земјотрес од 4 степени во Србија, сеизмолог тврди дека се очекувало оти е познато жариште


Земјотрес со јачина од 4 степени според Рихтеровата скала денеска околу пладне го погоди градот Обреж кај Параќин, Србија.

„Пред неколку дена имаше земјотрес во Бугарија, имаше и два во Темишвар. Разговаравме за тоа дека оваа сеизмичка активност сигурно ќе се прошири и во нашите области“, вели сеизмологот Славица Радовановиќ.

Според неа, земјотресот што се случи денеска во регионот на Параќин, се случил на познато жариште, пренесува Новости.

„Тоа беше на јужните падини на Јухор и тоа е познато жариште каде претходно имало земјотреси“, вели таа, а на прашањето што може да очекуваме понатаму, не сака да прејудицира туку вели дека „ќе видиме“.

Сеизмолошкиот институт соопшти дека земјотресот се случил во 12:11 часот по локално време.

„Теоретскиот интензитет во епицентарот е проценет на VI степен од Меркалиевата скала. Земјотресите со ваков интензитет можат да предизвикаат помали оштетувања на зградите во епицентралното подрачје“, наведува Сеизмолошкиот институт.

Се почувствувал и во Крушевац, Трстеник, но и во Белград. Во Крушевац граѓаните велат дека имале бесплатна вртелешка, а читателка од Белград од Звездара кажува дека ѝ се нишало столчето на тркала.