Силна поддршка од Г7 за брзо отворање на преговорите на Северна Македонија и Албанија со ЕУ

Силно го поддржуваме брзото отворање на пристапните преговори во ЕУ со Албанија и Северна Македонија, се вели во заедничкото коминике од средбата на министрите за надворешни работи на земјите на Г7


Групата седум индустриски развиени земји ги пофали Албанија, Косово, Црна Гора и Северна Македонија за целосно усогласување на надворешната политика со Европската Унија, вклучително и санкциите, и ја повикаа Србија да го стори истото. Силно го поддржаа и брзото отворање на преговорите на Северна Македонија и Албанија.

-Министрите за надворешни работи на Г7 го поздравија напредокот во инклузивната регионална соработка и енергетската транзиција, особено преку Заедничкиот регионален пазар и Зелената агенда за Западен Балкан во рамките на Берлинскиот процес, беше објавено синоќа на веб-страницата на германското Министерство за надворешни работи по средбата во Германија.

Министрите од Г7 ја потврдија својата посветеност за европската перспектива на шесте земји од Западен Балкан за кои, како што се вели, обезбедуваат безбедност, стабилност и просперитет во регионот.

Тие го поздравија фактот што Западен Балкан е обединет во осудата на руската агресија врз Украина, особено во Генералното собрание на ОН. Го поздравија усогласувањето на Босна и Херцеговина со рестриктивните мерки на ЕУ против Русија и едностраното усогласување на Косово со тие мерки.

Министрите за надворешни работи на Г7 ги повикаа Косово и Србија да се вклучат конструктивно во дијалогот со посредство на ЕУ, целосно да ги спроведат сите претходни договори без одлагање и да ги нормализираат односите преку сеопфатен и обврзувачки договор.

Во соопштението се додава дека земјите од Г7 мора да продолжат да му „помагаат на Западен Балкан да ја намали зависноста од руските енергенси и чувствителноста на економската принуда“.

Во соопштението се изразува загриженост поради продлабочувањето на политичката криза во БиХ и се осудува секој обид за поткопување на единството, суверенитетот и територијалниот интегритет на земјата.

Членки на Г7 се САД, Обединетото Кралство, Канада, Франција, Германија, Италија и Јапонија.

Еве го интегрално делот од заедничкото коминике на министрите за надворешни работи на земјите од Г7 за Западен Балкан што се однесува на усогласувањето со надворешната политика со ЕУ и за почеток на преговорите со ЕУ: 

„Ја потврдуваме нашата посветеност на европската перспектива на шесте земји од Западен Балкан за обезбедување безбедност, стабилност и просперитет на регионот. Го поздравуваме тоа што Западен Балкан е обединет во осудата на руската агресивна војна против Украина, особено во Генералното собрание на ОН (UNGA). Ги пофалуваме Албанија, Косово, Црна Гора и Северна Македонија за целосно усогласување на нивните надворешни политики со ЕУ, вклучувајќи ги и санкциите и нивното спроведување. Ја повикуваме Србија да го стори истото. Го поздравуваме усогласувањето на Босна и Херцеговина со рестриктивните мерки на ЕУ кон Русија и едностраното усогласување на Косово со тие мерки. Мора да продолжиме да му помагаме на Западен Балкан да ја намали нивната зависност од руските јаглеводороди и ранливоста на економската принуда.

Силно го поддржуваме брзото отворање на пристапните преговори во ЕУ со Албанија и Северна Македонија. Ги повикуваме земјите од регионот да ги унапредат внатрешните реформи, особено во однос на владеењето на правото, да го прошират домашниот политички простор, да го подобрат амбиентот за граѓанското општество и независните медиуми, да продолжат со нивните напори за спречување на радикализација до насилство, поддршка на помирувањето и борба против дезинформациите за геноцид, како и глорификацијата на воените злосторства и осудените воени злосторници.