Земан се противи на испраќање чешки војници како засилување на НАТО


Чешка – Чешкиот претседател Милош Земан соопшти дека е против тоа неговата земја да испрати војници заради зајакнување источното крило на НАТО.

Тој смета дека Русија и Украина ќе останат само во вербалната војна, а според него, најмногу што може да се случи е да избие локален конфликт ограничен на две сепаратистички проруски области во Украина.

– Сигурно не би се согласил. Испраќањето на нашите војници би било тропкање со оружје. Ако Украина не е членка на НАТО, нема причина да испраќаме војници, рече Земан во интервју за чешката приватна телевизија Прима.

Сепак, нему не му пречи што владата на премиерот Петар Фијале одлучи да испрати помош во оружје за Украина, поточно артилериска муниција, иако тој повеќе би сакал да ја продаде отколку да ја донира.

– Во вкупниот обем на оружје, 5.000 артилериски гранати е занемарлив процент. Но, јас би го следел примерот на Турција, која продаваше дронови на Украина. Би ја продал таа муниција, но го разбирам аргументот дека повеќе не ни треба, бидејќи топовите кои ја користат, веќе не се во употреба, појасни Земан.

Чешкиот претседател се надева дека сегашните тензии околу Украина и Русија ќе останат на ниво на вербална војна.

– Русите не се будали, а нападот на Украина би бил чиста добивка ако со тоа само некако воено ја предупредат Украина и далеку поголема загуба поради разни санкции.Засега мислам дека е вербална војна на двете страни. И ја сакам да остане вербална војна бидејќи човечкиот живот е највисока вредност, рече Земан.

Сепак, тој вели дека е можен и вистински конфликт, но, според него, ќе се ограничи само на две проруски сепаратистички области.

– Тој конфликт, ако дојде до него, ќе се концентрира на прашањето за двете сепаратистички републики, а тоа ќе биде ограничен територијален конфликт, потенцира Земан.