Зеленски: Со заземањето на Бахмут Москва би имала „слободен пат“ кон источна Украина


 

– Разбираме дека по Бахмут би можеле да одат понатаму, би можеле да одат во Краматорск, во Словјанск, патот би бил слободен за сите Руси … до другите градови во Украина. За нас тоа е стратешко прашање, рече Зеленски во синоќешното интервју за Си-Ен-Ен и нагласи дека украинските војници се решени да го одбранат тој град.

Руската армија се обидува да го заземе градот Бахмут, сметајќи дека е важен за продолжување на нејзината офанзива и покрај жестоката одбрана од страна на Украинците.

– Бахмут е важен за одбрана на украинските војници во Донбас, изјави вчера рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу, и додаде дека неговото заземање ќе овозможи спроведување на „нови офанзивни операции во длабочина“.

Зеленски за Си-Ен-Ен изјави дека вооружените сили на Украина се решени да останат во Бахмут.

– Вчера имав состанок со началникот на Генералштабот и воените команданти и сите тие рекоа дека треба да останеме силни во Бахмут, изјави Зеленски за Си-Ен-Ен.

Тој додаде дека, секако, треба да се земат предвид животите на украинските војници.

– Но, ние треба да направиме се што можеме додека добиваме испораки на оружје и нашата војска се подготвува за контраофанзива, рече тој.

Шефот на руската паравоена група Вагнер, Евгениј Пригожин денеска изјави дека неговите војници го зазеле „целиот источен дел“ на Бахмут.

Најдолгата и најсмртоносната битка од почетокот на руската инвазија на Украина во февруари 2022 година се води околу Бахмут. Градот, кој сега има околу 4.000 жители во споредба со 70.000 пред инвазијата, е во голема мера уништен