Зеленски разочаран од разговорот на Шолц со Путин


Телефонскиот разговор на германскиот канцелар Олаф Шолц со рускиот лидер Владимир Путин ја отвори „Пандорината кутија“, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски, жалејќи се дека разговорот ги поткопува напорите за изолирање на рускиот лидер.

„Сега може да има други разговори, други повици. Само многу зборови“, рече Зеленски во своето обраќање.

„И токму тоа е она што Путин одамна го сака: клучно е за него да ја ослабне својата изолација, изолацијата на Русија“, рече Зеленски.

Во телефонскиот разговор во петокот, Шолц го повика Путин да ја „заврши“ својата војна против Украина и да ги „повлече војниците“. Разговорот траеше околу еден час и беше прва директна размена меѓу двајцата лидери по речиси две години, објавија германските медиуми.

„Сојузниот канцелар ја повика Русија да биде подготвена да преговара со Украина со цел да се постигне праведен и траен мир“, рече портпаролот на германската влада во соопштението. Шолц претходно го информирал Зеленски за повикот, рече портпаролот.

Шолц во последните месеци се залага за втора конференција за мир во Украина, во која ќе биде вклучена и Русија. Првичниот мировен самит, без учество на Кремљ, беше организиран во Швајцарија во јуни.

Шолц и Путин се договориле да останат во контакт, според претставник на германската влада. Канцеларот „нагласи дека распоредувањето на севернокорејски војници во Русија за борбени мисии против Украина е поврзано со сериозна ескалација и проширување на конфликтот“, додаде претставникот.

Шолц долго време се обидува да воспостави непријатна рамнотежа кон Украина, тврдејќи дека Германија му пружила на Киев повеќе воена помош од која било друга европска земја, а истовремено се прикажува себеси како лидер кој може да спречи војната да излезе од контрола.

И поранешниот украински министер за надворешни работи Дмитро Кулеба  изјави дека со поканата на германскиот канцелар до рускиот претседател , Путин излезе од европската изолација и дека Германија го отворила патот веднаш по Унгарија.

Пред неколку месеци, германскиот канцелар Олаф Шолц го праша украинскиот претседател Володимир Зеленски дали поканата за разговор до рускиот претседател Владимир Путин би била соодветна. Зеленски, како што изјави,се спротивставил на идејата, а Шолц се воздржал од поканата. Меѓутоа, по американските избори, Шолц одлучи дека е дојдено време за тоа и му испрати покана на Путин, а Зеленски јавно, но благо го критикуваше поради тоа. Се чини дека повикот не значи ништо значајно за подобрување на имиџот на Шолц меѓу германските гласачи кои се наклонети кон Русија, напиша Кулеба на „Х“

Кулеба оцени  дека довербата меѓу Зеленски и Шолц е нарушена, посочувајќи дека треба да се запомни оти Германија е вториот најголем давател на воена помош за Украина по САД. Кулеба нагласи дека тешко заработената репутација на Германија меѓу Украинците е значително погодена.

Според него, Путин му покажал на светот дека неговата стратегија функционира – „Западот на крајот ќе ја наведне главата повикувајќи го да ја прекине војната, што тој нема да го направи“.