Зеленски: Ги отфрливме ултиматумите на Русија во најтешките времиња, зошто би ги прифатиле сега?


Претседателот на Украина Володомир Зеленски денес од Анкара ги негираше оценките дека Украина е фрлена на колена така што праша – зошто би се согласила со ултиматумите на Русија сега, откако ги отфрли во најтешките времиња?

За време на церемонијата на отворање на новата амбасада на Украина во Анкара, Зеленски изјави дека Украина никогаш нема да направи компромис за нејзиниот територијален интегритет и суверенитет.

„Како земја сакаме мир и  сакаме војната да заврши. Сепак, сакаме крајот на оваа војна да се заснова на одредени безбедносни гаранции. Очекуваме овие гаранции да бидат обезбедени од САД, ЕУ, Турција и цела Европа“, рече Зеленски на церемонијата.

Тој нагласи дека Украина никогаш нема да прави компромиси за нејзиниот територијален интегритет и суверенитет, тврдејќи дека не може да дејствува спротивно на украинскиот Устав.

„Доколку Турција може да ги обезбеди потребните безбедносни гаранции за Украина, би сакале да ја видиме Турција вклучена во овој процес. Никогаш, под никакви околности, нема да ги признаеме нашите привремено окупирани територии како дел од Русија. Тие се дел од Украина“, рече Зеленски.

Претседателот додаде дека разговорите меѓу руските и американските претставници во Саудиска Арабија за Украина се одвиваат без учество на Украина и дека Украина никогаш нема да ги прифати ултиматумите на Русија. Тој објасни дека на почетокот на целосната инвазија, Русија поставила ултиматуми, како што се намалување на големината на украинската војска, признавање на окупираните територии како дел од Русија и формирање на проруска влада во Украина „за целосно да ја контролира“.

„И имам впечаток дека некои преговори се случуваат за Украина, без Украина. Необично е што ако не се согласивме со сите овие ултиматуми во најтешкото време, зошто некој би помислил дека Украина ќе се согласи со нив сега?„- запраша тој.

Претседателот додаде дека „немаше договори за време на окупацијата на регионот Киев од страна на Русите, немаше договори за време на состаноците во Белорусија, ниту договори за време на состаноците во Турција“.