Зелениот институт ќе спроведе проект за одржливо зеленило во Скопје


Зелениот институт  најави проект „Повеќе зеленило за отпорно Скопје“ чија цел е  подобрување на состојбата со зеленилото во градот преку законски измени и други интервенции, со што ќе се спречи појавата на топлински острови, ќе се намали загадувањето со стакленички гасови и ќе се подобри квалитетот на животот.

Ќе се работи во текот на една година, низ серија од четири активности. Во првата активност, експерти од сферата на урбанизмот, шумарството и правото, ќе го анализираат законот за урбано зеленило, неговата примена и ускладеност со законите за урбанистичко планирање и за градење.

Втората активност ќе биде анализа на урбанистички планови, за да се лоцира преку кои пропусти или злоупотреби на закони се врши узурпацијата на зеленилото. Ќе се анализира и зелениот катастар на Скопје, изработен пред повеќе години, но никогаш завршен, а подоцна и целосно заборавен. Ќе се понудат законски решенија со кои ќе се заштити зеленилото и ќе се принудат градежниците да ги почитуваат стандардите и нормативите од законот за урбано зеленило

Третата проектна активност е озеленување  според современ хортикултурен план.

Четвртата активност се однесува на ЈП Паркови и зеленило, кои се клучни за производство на садници отпорни на климатски промени, за да се постигне поголема успешност и одржливост при садењето и одгледувањето. Целта е да се изработи концепт-визија за обнова и одржливо функционирање на расадникот и да се пилотира со пластеник-едукативно катче за ученици и студенти.

Во сите активности ќе бидат вклучени еко граѓански иницијативи и граѓани, кои, заедно со експертите, ќе ги дискутираат законските измени и ќе лобираат за нив, како и за поголема посветеност на институциите за зачувување и надградување на зеленилото во Градот Скопје.

 Според Законот за урбано зеленило градот има обврска да обезбеди 25 метри квадратни зеленило по глава на жител, а како контролен механизам и гарантор на оваа цел беше воспоставен зелениот катастар. Сепак, пет години од донесувањето на законот, се соочуваме со негово непочитување, а дел од причините се институционалниот отпор, дел неусогласеноста на овој закон со законите за урбанистичко планирање и за градење. Експерскиот тим ангажиран на овој проект ќе работи на овој проблем и по детална законска анализа ќе понуди кохерентно решение за целосна функционалност на зелениот катастар и негова интеграција во идните процеси на изработка на урбанистички планови.