Зелен катастар имаат само три општини од 80, стратегии за развој на зеленилото само две


Од 34 општини со седиште во град 29 општини не преземале активности за воведување Зелен катастар, со што, според Државниот завод за ревизија (ДЗР) не ги обезбедиле предусловите за правилно планирање и одржување на зелените површини. 

ДЗР во денеска објавената Ревизија на успешност „Урбанистичко планирање на зелената инфраструктура во градовите“, наведува дека Зелен катастар во форма на ГИС портал имаат три општини, Град Скопје, Кавадарци и Охрид, само само две општини, Град Скопје и Општина Охрид, имаат донесено стратегии за развој на зеленилото, а 18 општини не ја испочитувале обврската за донесување на годишни програми за подигање и одржување на зеленилото. Тоа, посочува ДЗР, укажува на немање долгорочна визија, цели, активности и индикатори за следење на урбаното зеленило на локално ниво.

Градот Скопје има воспоставено Зелен катастар во форма на ГИС портал во 2009 година, но, како што укажува ДЗР, податоците последен пат се ажурирани во 2021 година. Овој ГИС портал, оценуваат ревизорите, не е во целост воспоставен, од причини што не го опфаќа општинското зеленило, односно недостасува поврзување со општините во градот кои исто така имаат јавни зелени површини кои ги одржуваат.  

– Општина Кавадарци во 2020 година има направено попис на зелените површини и нивно вметнување во ГИС порталот на кој покрај зелените површини се и урбанистичките планови. Општина Охрид изготвила Зелен катастар во форма на ГИС портал, но  не е јавно достапен, додека општините Битола и Прилеп имаат направено инвентарисување на зелените површини, но не се во ГИС апликација и не се јавно достапни. Општина Битола до денот на ревизијата има подготвено три извештаи за фактичката состојба, стои во Извештајот.

Законската обврска за воведување зелен катастар е од 2018 година,  а според ДЗР се уште кај општините не постои интерес за создавање зелен катастар, односно 29 општини не преземале активности за негово воведување, со што не ги обезбедиле предусловите за правилно планирање и одржување на зелените површини. 

Зелениот катастар е попис на урбаното зеленило и претставува основа за изработка и следење на спроведувањето на Стратегијата за развој на зеленилото, Основниот план за подигање и развој на зеленилото и Годишната оперативна програма за подигање и одржување на зеленилото. Со Зелениот катастар се врши евидентирање на површината на урбаното зеленило според намената и типот, локацијата и карактеристиките на секое одделно дрво и грмушка што се засадени на овие зелени површини.  Главната цел на Зелениот катастар е заштита на животната средина, подобрување на управувањето со јавното зеленило, како и зајакнување на урбаната отпорност преку собирање и анализа на просторни податоци за зеленилото. 

Покрај Зелениот катастар стратешки документи за обезбедување долгорочна визија и цел за развој на зеленилото на локално ниво се Стратегија за развој на зеленилото; Основен план за планирање, проектирање, подигање, одржување, заштита и реконструкција на зеленилото на подрачјето на општината или на градот Скопје за период од три до пет години; Годишна оперативна програма за подигање и одржување на зеленилото. Тие стратешки документи треба да бидат вградени во Генералниот и деталните урбанистички планови, со што општините ќе го креираат развојот на одржливи градови кои ќе им обезбедат на граѓаните добри услови за живот. 

Стратегија за развој на зеленилото имаат донесено само Град Скопје и Општина Охрид, додека останатите 32 општини39 немаат донесено стратешки документ за развој на зеленилото. Основен план за планирање, проектирање, подигање, одржување, заштита и реконструкција на зеленилото на подрачјето на општината или на градот Скопје за период од три до пет години има само Град Скопје.

Советот на Град Скопје во 2023 година ја усвоил Стратегијата за развој на зеленилото во град Скопје (2024-2034)40 со која е јасно дефиниран долгорочен и одржлив акционен план за управување со зелената инфраструктура. 

Акциониот план содржи активности кои треба да се преземат и да се спроведат од повеќе институции, што подразбира координирана работа на градската управа, јавните комунални претпријатија и општинските управи во период од 10 години. Градот има донесено и Основен план за подигање и развој на зеленилото за период 2020-202441, а во тек е подготовка на нов Оперативен план врз основа на Стратегијата кој треба да го опфати периодот од 2025 до 2029 година. Во 2020 година, со донесување на Акциски план за зелен град, Град Скопје се приклучува во Зелените градови на Европска банка за обнова и развој. 

Стратегијата за развој на зеленило на Општина Охрид е донесена за период од 2023 – 2032 година, со стратешка цел Охрид да стане одржлив „зелен град“, со мрежа на висококвалитетни и атрактивни зелени површини, што ќе придонесе за благосостојбата и здравјето на сите граѓани и посетители, притоа зачувувајќи ја животната средина и биодиверзитетот. Со стратешката цел, треба да се задоволи и законската обврска за 25 м2 по глава на жител застапеност на зелени урбани инфраструктури.

– Недонесените стратешки документи од страна на 32 општини кои треба да се основа на политиките за урбаното зеленило укажуваат дека општините немаат долгорочна визија, стратешки цели и индикатори за следење на развојот на урбаното зеленило, односно ги немаат утврдено потребите за зелени површини во областите со високи концентрации на
загадувачки материи во воздухот, со висок процент на водонепропустливи поплочени и асфалтирани површини т.е. топлотни острови, констаира ДЗР.