Зелен Хуман Град тврди дека ќе се градат нетранспарентно 12 катни гаражи
Зелен Хуман Град реагираше денес околу Планот за одржлива мобилност на Скопје (SUMP) за кој ЕУ ќе даде два милиони евра и кој ќе опфати и интегрирани политики за паркирање. Според ЗХГ процесот тече без никаква транспарентност, се склучуваат договори со инвеститори зад затворени врати, се калкулира со интереси, а граѓаните воопшто не се вклучени.
-Во нормални услови ќе имаше објави за изборот на изработувач на овој план, повици за јавна партиципација на граѓаните и известување за тоа како течат работите. Во ненормални услови, градоначалниците на Скопје и Чаир, Шилегов и Ганиу без студија и план си склучуваат договори во четири очи за стратешки партнерства за изградба на подземни паркинзи и катни гаражи со инвеститори, чиј двигател во животот сигурно не е да го решат проблемот со паркирање во Скопје, тврди ЗХГ .
Според нив овие договори ќе чинат 50 милиони евра и ќе вклучат изградба на 12 катни гаражи и 3.000 паркинг места, т.e. речиси 17 илјади евра за едно паркинг место.
Зошто некој инвеститор би вложил толку средства ако нема добивка?- прашува ЗХГ, одговарајќи дека е можно на 12-те локации што ги добива, инвеститорот да добие додатни намени: хотели и трговски центри. Со тоа, според ЗХГ, ќе се повтори историјата со Зебра и катната гаража кај Универзална сала, каде инвеститори добија државно земјиште за џабе, уништија постоечки јавен паркинг и создадоа содржини од кои имаат профит и за кои е потребен паркингот сам по себе, а жителите немаа ќар од тие „инвестиции“ бидејќи проблемот со паркирање не се реши.
-Дали имало јавно наддавање за овие локации или е договорено во четири очи? Каде можеме да видиме кои се тие 12 парцели и кои се условите за тие 12 парцели? Што постои на тие парцели? Што ќе се уништи за да се добијат 12 катни гаражи? Зеленило, плоштади, јавен паркинг, парцели за згради? Што од додатни намени ќе добие инвеститорот? Кои услови Општина Чаир и Град Скопје му ги дале на инвеститорот во договорот? За цени, за политики, за намени? Или само му подариле државно земјиште без додатни услови? Кој ќе управува со тие катни гаражи? ЈП Градски Паркинг? Паркинзи Општина Чаир? Или Mabetex? Дали Град Скопје го условил Mabetex да ги почитува паркинг политиките од SUMP-от? Кој ќе ги диктира цените за паркирање?
Ова се вистинските прашања кои транспарентна и отчетна власт која се грижи за јавниот интерес веќе би ги имала одговорено, реагираат од ЗХГ.