Зелен хуман град: Принудени сме да формираме политичка партија, Собранието го урива Уставот!

Формирање посебна политичка партија најавија и од Шанса за Центар која ќе настапи со повеќе невладини организации


ЗЕЛЕН ХУМАН ГРАД утре ќе најави дека ќе ја формира првата партија во Македонија составена од активисти кои со години волонтирале за општо добро во сферите заштита на животна средина и заштита на животните . Според нив, партијата ќе  претставува само техничко средство за нивно излегување на изборите, поради обидот на етаблираните политички партии во државата тоа да им го отежнат што повеќе.

-Принудени сме на овој чекор бидејќи власта и опозицијата во Собранието здружено одлучија да го срушат Уставот, да ја игнорираат одлуката на Уставниот суд од 20 мај 2025 година  и ,не само што предложија измени на Изборниот законик  што се противуставни и спротивни на препораките на ОБСЕ и ОДИХР и Венецијанската комисија, на едвај две недели пред распишување на изборите не постои никаков закон, а со тоа и никаква можност да се кандидираме на претстојните избори како независни кандидати.

Оваа изборна година е прва кога е целосно забрането учество на независните на избори
што е досега невиден антидемократски преседан во историјата на независна Македонија, порачаа од ЗЕЛЕН ХУМАН ГРАД.

Зад нивната позиција застана и политичката партија ДОМ која порача дека актуелните партии со една рака делат милиони за невладините, а со друга ги блокираат граѓаните во нивната независна политичка вклученост.

-Демократска обнова на Македонија (ДОМ) остро се спротивставува на сè поопасната пракса на владејачкото мнозинство, но и на опозицијата (партиите-коалиционери од поранешната влада), кои со едната рака доделуваат милиони евра за невладини организации, а со другата рака ги блокираат демократските механизми што би им овозможиле на граѓаните реално политичко учество. Со усвојувањето на Ребалансот на Буџетот за 2025 година, беа зголемени трансферите кон невладиниот сектор од 26,7 на 34,4 милиони евра, а во исто време нема никаква политичка волја за измена на Изборниот законик што би овозможил учество на независни кандидати на претстојните локални избори.

Поддршката за граѓанските организации е важна и потребна, но добива сенка на партиска инструментализација кога се користи како параван за прикривање на партиципативната демократија. Во исто време кога се зголемуваат средствата за невладиниот сектор, граѓаните и граѓанките системски се блокирани да учествуваат како независни политички субјекти. Згора на тоа: кои се механизмите за надзор над потенцијалната злоупотреба на овие средства зголемени за 30% на три недели пред објавувањето на локалните избори? Дали веќе се знае кои невладини (нечии миленици) ќе ги добијат тие средства? Зелената партија ДОМ остро се спротивставува на оваа пракса, каде со една рака се делат милиони, а со другата се бришат граѓаните од картата на политичка партиципација, стои во реакцијата на ДОМ.

ДОМ уште еднаш упатува јавно барање веднаш да се отпочне постапка за измена на Изборниот законик и да се обезбеди еднаква, фер и демократска можност за учество на независни и граѓански листи на локалните избори во 2025 година.

-И да не се лажеме: партиските мастадонти ќе си формираат свои прокси политички субјекти воочи локалните избори и ќе си „туркаат“ со своите миленици – и од тие причини веќе знаеме кој ќе биде одговорот на нашето барање…за жал!- констатираа од ДОМ.

Дека станува збор за поширок настап на невладините, се виде и од соопштението на Шанса за Центар и други организации во кое се порача дека со здружување во заедничка формално регистрирана платформа ќе се борат против желбата на партиите да ги истиснат независните граѓански иницијативи од изборниот процес.
 
-Секој граѓанин има право да гласа за претставници кои навистина ги застапуваат неговите потреби.Во оваа нова платформа веќе се вклучени иницијативите Шанса за Центар , Независни За Карпош – За Заштита На Карпош , Зелените Од Гази Баба , граѓански активисти од повеќе скопски општини и други градови, а остануваме отворени и за други иницијативи од целата држава. Изминатиов период, повеќе граѓански организации – вклучително и Зелен хуман град – разговараа за формирање заедничка партиска платформа за здружен граѓански настап. Сепак, Зелен хуман град одлучи самостојно да се регистрира како партија и да настапи одделно.
Ние останатите остануваме верни на вредностите на солидарност, заедништво, инклузивност и доверба.
 
Ги информираме граѓаните дека платформата што ќе ја основаме формално мора да биде регистрирана како партија, а за тоа ќе ни биде потребна вашата поддршка. Законот дозволува потпис само за една опција, па затоа транспарентно информираме дека потпис за нашата заедничка граѓанска платформа и потпис за која било друга нова партија, вклучително и на ЗХГ, не може да се даде истовремено. Ќе мора да се направи изборот за тоа каде ја гледате вистинската граѓанска алтернатива во моментов.
 
Во следниот период ќе споделиме повеќе информации во врска со процесот на поддршка и ќе ги претставиме нашите листи и кандидати. Сите граѓани без разлика на градот на живеење, ќе можат да ја дадат својата поддршка за нашата регистрација. Граѓаните заслужуваат избор – но и јасна слика. Ќе настапиме здружено, со чесни луѓе, силна визија и искуство стекнато од теренот.Нашата борба продолжува – отворено, храбро и заеднички, порачаа од невладините.