ЗЕЛЕН ХУМАН ГРАД почнува со собирање потписи за регистрација на партија


ЗЕЛЕН ХУМАН ГРАД го почнува процесот на собирање 1.000 потписи за основање партија. За таа цел ги повика граѓаните што сакаат да ги поддржат да се приклучат на процесот. Тие се прва партија од волонтери што ќе учествува на избори бидејќи сегашниот систем ги форсира големите партии и им го отежнува учеството во политиките.
 
-Роковите се кратки, а принудени сме да формираме партија и да собереме потписи според строги законски правила за да имаме право да се кандидираме на избори и да продолжиме да се бориме. За воздух, за зеленило, за јавен интерес. За Скопје, какво што заслужуваме!
 
Драги луѓе, ЗЕЛЕН ХУМАН ГРАД ја формира првата партија во Македонија која во срцето на својата политичка агенда ги позиционира социјалната правда, заштитата на животните и животната средина. ЗХГ е воедно и првата партија во историјата на Македонија што ја основаат долгогодишни волонтери, а не спонзори. Ја основаат луѓе што со години во континуитет ги вложуваат своето знаење, време, енергија, како и финансии, за да создадат здраво и функционално општество за сите – и за луѓето и за животните. Иако сме принудени да ја основаме партијата само за да имаме право да се кандидираме на избори – нашето делување останува идентично како и до сега – хоризонтално, со директна демократија и активизам, отворено за секој што ги дели нашите вредности. Во ЗХГ имаме строги правила на функционирање што ја задржало нашата хетерогена волонтерска група здрава и фунционална, а со тоа и доволно силна да иницира општествени промени.

Ние сме единствената политичка група којашто има јавен и отворен процес за самокандидирање од сите наши сограѓани кои ги делат нашите заложби – МојКандидат. Апликациите на сите кандидати се објавуваат јавно и за нив може секој да гласа. Веќе втора изборна година по ред ја отвараме вратата на секој што смета дека има доволно знаење и ентузијазам да ни се придружи на нашата листа за Совет на Град Скопје.

Во изминатите 4 години како дел од Советот на Град Скопје со само 2 од 45 советника успеавме да постигнеме неколку преседани https://zhg.mk/postignuvanja/
Првпат во историјата на Скопје:

  • работата на Советот е целосно дигитализирана и транспарентна преку МојГрад.мк,
  • сите решенија за интервенција врз зеленило се објавуваат јавно со можност да се оспори и запре постапката,
  • ЈП Лајка, прифатилиштето за бездомни кучиња е управувано од долгогодишни активисти за заштита на животните,

Дополнително на овие преседани, поништивме урбанистички план во Влае со кој се предвидуваа висококатници и одземање и уништување на површини од основно училиште, како и останата јавна инфраструктура за сметка на инвеститорски профит; во континуитет доставувавме и застапувавме предлози од граѓани за финансирање од буџетот на Град Скопје; предлагавме решенија за спречување на загадувањето на воздухот; застапувавме политики за енергетска независност, паметен третман на отпадот и хуман третман на животните; протестиравме и бевме гласни за темите кои на сите нас ни се важни. ЗЕЛЕН ХУМАН ГРАД има јасна визија за управување со градот, но за тоа ни е неопходна поддршка од освестени сограѓани чиишто одлуки не зависат ниту се диктирани од центри на моќ.

За да ја регистрираме партијата ни требаат минимум 1.000 заверени потписи од луѓе од цела Македонија. Твојата помош сега е клучна!Започни со процесот тука: https://zhg.mk/potpisi/

Тие 30-тина минути што ќе ги одвоиш во наредните 10 дена, ќе значат дека наредните 4 години ЗХГ ќе продолжи да се бори за тебе. Ќе продолжи да носи зеленило, транспаретност, дигитализација, борба за заштита на животните и борба против луда урбанизација.

Партијата е само алатка – борбата продолжува. ЗЕЛЕН ХУМАН ГРАД останува она што отсекогаш бил – заедница на луѓе што се грижат. За градот. За луѓето. За животните. За иднината. Нема шефови. Нема скриени спонзори. Само луѓе. Како тебе. Како нас„, пишува во повикот на ЗХГ.