Зелен хуман град ќе прави урбанистички „пасош“ на Скопје


ЗЕЛЕН ХУМАН ГРАД , за да се стави крај на нетранспарентното планирање на Скопје, започна со изработка на „пасош“ на градот  со кој  ќе прикажат кои делови од Скопје се квалитетно урбанизирани, а кои не се. Во процесот на создавање пасош за Скопје ќе бидат вклучени граѓаните кои ќе учествуваат во собирањето податоци и во креирањето на визијата за градот преку алатката МојГрад.

-Процесот носи наслов  „Нов ГУП за зелено и хумано Скопје“ и во него се вклучија експерти од институциите, академијата, претприемништвото и граѓанскиот сектор. На 17 и 18 јануари, во текот на дводневна работилница насловена „Нов ГУП: Планска програма за зелено и хумано Скопје“ во која можеше да се учествува и физички и онлајн, беа споделени најдобри практики за одржливо планирање на еден град.

Експерти од Бугарија, Љубо Георгиев и Калојан Карамитов, пред присутните на работилницата презентираа како ја создале Визијата за Софија – стратешки документ за одржлив и паметен развој на градот. Тие споделија кои податоци се користени за оценка на состојбата и функционалноста на градот и неговите делови, како се дефинирани мерките и индикаторите за следење на успехот во постигнувањето на визијата. Воедно, ја потенцираа важноста од собирање прецизни податоци со чијашто анализа се утврдува што недостига за квалитетен и здрав живот во населбите. За добивање точни информации неопходно е да се вклучат сите засегнати страни и самите граѓани. Така, во планирањето ќе учествуваат не само урбанистите, туку сите оние што ги користат просторот, објектите, инфраструктурата, зеленилото и другите елементи на градот во кој живееме и работиме.

Претставникот на Градот Скопје информираше дека изработката на ГУП 2022-2032 за Скопје е започната, а првата фаза на планската програма е завршена на Архитектонскиот факултет, но не е никаде објавена. Целта со иницирањето транспарентно планирање е да се прекине со работа зад затворени врати, да се прекине со трошење пари на граѓаните за изработка на студии и истражувања изработени далеку од очите на јавноста. Агенцијата за планирање на просторот, која има потпишано договор со Градот Скопје да го изработи ГУП, не ја прифати поканата за учество на работилницата, што го сметаме за одраз на недопустлива затвореност.

ЗЕЛЕН ХУМАН ГРАД со пасошот на градот ќе покаже во кои делови има консолидирани соседства каде што се обезбедени сите неопходни пратечки јавни содржини (градинка, училиште, амбуланта, детско игралиште, спортски терен, парк за миленици, објекти од областа на културата, урбани градини, биокомпостара, пазар, итн.), а каде воопшто не е инвестирано и кои наши сограѓани живеат, учат, работат во супстандардни услови, стои во соопштението од ЗЕЛЕН ХУМАН ГРАД.