Зелен хуман град кај Арсовска издејствува да се спроведат дел од нивните предлози
Претставници на Зелен хуман град, преку нивните советници во Град Скопје, Драгана Велковска и Горјан Јовановски), се сретнаа со градоначалничката Данела Арсовска и издејствуваа дел од нивите предлози да бидат реализирани.
Тие велат дека ги презентирале „предлозите изгласани на Граѓанскиот буџетски форум – сите наши и ваши приоритети – истакнавме дел од нив, колку што дозволуваше времето. Данела изрази искрен интерес за предлозите и посочи дека уште веднаш можеме да започнеме со работа на дел од нив“.
Сметаат дека за Скопје неопходно е да се планира визионерски за следните 50 или 100 години со цел да се неутрализираат последиците од климатската криза и да обезбедиме климатска неутралност.
Оттука, првите чекори кон зелен и хуман град кои можеме веднаш да почнеме да ги дефинираме и имплементираме се следните:
1. Формирање тим од експерти за разгледување на предлозите од НаТочак – NaTochak и унапредување на постоечките планови околу велосипедизмот имајќи ја на ум тековната изработка на Планот за одржлива урбана мобилност;
2. Директна комуникација со другите општини со цел да се разгледаат можностите за одделување на средства од нивниот буџет за секоја општина да развие план и процес за изградба на своја компостара за биоотпад со која се елиминираат најмалку 60% од вкупниот комунален отпад;
3. Формирање тим од експерти со долгогодишно искуство во политики за ефективна хумана контрола на бездомни животни и теренска работа кои ќе ги дадат насоките за третман на бездомните животни во Скопје со цел конечно да се затвори тоа прашање.
Очекуваат конструктивна соработка и резултати видливи во првите шест месеци.