Зелен хуман град бара затворање и трансформација на Зоолошката градина

Дуња била најголемата азиска слоница во Европа според Гинисовата книга на рекорди, но исто така и една од најстарите во светот


Зелен хуман град  бара затворање и трансформација на скопската Зоолошка градина во центар за рехабилитација и конзервација на диви автохтони видови, што воедно беше и дел од изборната програма на здружена иницијатива во 2021 година.

– Концептот на зоолошки градини, каде што животните се чуваат во заробеништво, а со цел забава и едукација мора да се напушти и да се премине кон нови концепти на едукација и запознавање на животинските видови, преку кои животните нема да бидат изложени на непотребно страдање, надвор од нивните природни живеалишта, во вештачки создадени услови, велат од Зелен хуман град.

-Во последните две години, бевме сведоци на угинувањето на двете жирафи во скопската Зоолошка градина – Каспер и Флопи, труење на три пржевалскиеви коњи, како и на масовното колење на 10 коњи со образложение дека биле болни. Во сите овие случаи, никој не понесе одговорност, ниту имаше правна разрешница, освен разрешувањето на директорот Кристијан Стаменов во јули 2022 година, додаваат оттаму.

Велат дека ќе поднесат иницијатива за мораториум на носење нови животни во скопската Зоолошка градина до Советот на Град Скопје.

– Животните се свесни битија и не заслужуваат да го поминат животот во заробеништво заради забава, во несоодветни услови, спротивни на нивната природа и потреби!

Повод за реакцијата е евтаназијата на слоницата Дуња викендов за што јавноста дозна отпосле. Според Тина Мицкоска, вработена во Зоолошката градина, Дуња била најголемата азиска слоница во Европа според Гинисовата книга на рекорди, но исто така и една од најстарите во светот. 

Уште во 2018 година кога првпат се запознавме се спремав психички за овој ден бидејќи уште тогаш кажаа дека годините ти се броени, но за жал никогаш не се подготвив да те испратам, а и не успеав затоа што не сум во Скопје.Ќе речат старост, години колку човечки 100, но љубовта што ти ни ја даваше секојдневно е ненадоместлива… Ќе им фалиш најмногу на Боки и Виктор кои за тебе се грижеа секојдневно, а и на сите нас на кои ни беше омилена. Сите те разгалувавме бидејќи беше најстара жителка заедно со баба Мими шимпанзото, сите внимаваа да имаш комфорт, мир и спокој со оглед на мачниот живот што го имаше во минатото. Од бебе окована во синџири, принудена на циркуски точки и злоупотребувана за забава на циркуска публика, со живот поминат во вагон и патувања во студени краишта како Шведска, Германија, Норвешка заедно со твојата неразделна другарка Даела…
 
Беше најголемата азиска слоница во Европа според Гинисовата книга на рекорди, но исто така и една од најстарите во светот. Доживеа длабока старост, овде во Скопје, но болката е преголема зошто ти беше животно со многу емоција во себе, небаре детенце со добра душа. Од тебе научивме многу работи, за тоа што е другарство, што е љубов и што е сочувство
Последните неколку години кога веќе почна да те фаќа сенилност знаеше на моменти да свириш со сурлата во празно како што тоа си го правела на усните хармоники поставени под шаторското крило на циркусот. Тогаш срце ми се кинеше кога ќе те видев… Не знам колку пати жива те преплакав за овие шест години, а можеш да замислиш како ни е сега на сите што те сакавме и колку солзи има за тебе. Ќе бидеш сега во рајот на слоновите, слободна без оковите на минатото.Најмила Дуња, џинот со добро срце- те сакаме“, напиша таа на Фејсбук со апел да не се напаѓаат вработените во Зоолошката градина кои  даваат се од себе за животните.