Зелен хуман град бара да го демантираат со факти за дивоградбите


Зелен хуман град реагираше на одговорот на Министерството за транспорт и врски на нивните обвинувања дека преку измени во регулативата за фотоволтаици се обидуваат да легализираат дивоградби. Оценувајќи дека Министерството за транспорт и врски ја потценува интелигенцијата на јавноста бара демантот што им го упатува да се базира на факти бидејќи тие не се политичка партија.

-Пишуваме полека, едноставно и некаде со големи букви за Министерството за транспорт и врски да може да нѐ разбере:

1. Не се обраќате на партија, туку на коалиција од активистички групи кои се бореле принципиелно против лошите политики на секоја партија, така што кренете си го нивото на дискусија.

2. Демант значи побивање со факти. Во вашиот несмасен допис нема ниту еден изнесен факт што ќе одговори на нашите 11 страници детални коментари на Правилникот за урбанистичко планирање во кои аргументираме каде и на кој начин озаконувате криминал.

3. Законот за градење со кој легализиравте индустриски дивоградби од загадувачка индустрија е донесен по скратена постапка ЗАД ЗАТВОРЕНИ ВРАТИ. Со тоа се одзема правото на учество на јавноста во прашања кои влијаат на животот и здравјето на населението.

Повторуваме дека со месеци се бориме со вас за да исфрлите од Правилникот концепти кои ги штитат градежната мафија и крупниот капитал. Исфрлете ги одредбите со кои озаконувате криминал и од Правилникот и од Законот за градење, а ние први јавно ќе кажеме дека сте го заштитиле јавниот интерес, стои вио реакцијата на ЗХГ.