Зеле Липовача од „Дивље јагоде“ во Скопје: Македонија ја носам во срцето


Фото: Б. Грданоски

Зеле Липовача, фронтменот на „Дивље јагоде“ летово имаше бројни свирки низ Македонија- Свети Николе, Пробиштип, на „Пиво – фест“ во Прилеп…утре е во Струга, во август му е концертот во Охрид,  а до крајот на годината  ќе следи и голем концерт во Скопје, на воодушевување на нивните бројни фанови.

Фото: Б. Грданоски

Во очекување на неговиот нов, трет по ред соло-албум, работно насловен „You Are the Wind and I’m the Flame”, под закрилата на „Кроација Рекордс“, најголемата регионална издавачка куќа која долги години го следи него и Дивље јагоде, Липовача денес  беше во Скопје,  со неговиот домаќин Иван Бечковиќ, супервизор во „Кроација рекордс“ за Македонија. Прилика за кафе муабет со новинарите и фотографирање со еден од најважните автори и гитаристи на музичката сцена од Вардар до Триглав, човекот кој ги напиша: „Krivo je more“, „Jedina moja“, „Ne želiš kraj“, „Autostop“, „Motori “, „Šejla“, „Zauvijek tvoj“, „Marija“…

Колку ја сака Македонија, нејзините музичари и музичкото наследство зборува и фактот што  една од најубавите македонски народни песни – „Македонско девојче“,  ја промовира во  инструментална верзија , како прв сингл од неговиот нов, трет по ред соло-албум.

Во својот препознатлив стил, емотивно и искрено, Липовача со „Македонско девојче“ проникна во самата суштина на македонскиот музички код, кој во комбинација со неговата вонвременска гитара, повторно даде врвен резултат. Уникатната изведба на песната „Македонско девојче“ не можеше да помине без славните музички браќа Гаро и Диран Тавитјан на тапани и тастатури, а на кавалот е и Александар Јовевски.

Липовача, заедно со Влатко Илиевски сними дует за песната „Не желиш крај“ која се најде на постхумниот албум на прерано починатиот пејач „Последно танго“.

Рок машината „Дивље јагоде“ не запира и по повеќе од 40 години постоење, а се ближи моментот кога ќе слушнеме и што подготвија на нивниот нов студиски албум.

Фото: Б. Грданоски

-Албумот ќе биде во препознатлиот звук на „Дивље јагоде“, нешто што се очекува од нас. Повеќето песни за новиот албум ќе ги отпее добро координираниот тандем Тони Јанковиќ и Ливио Берак во дует или соло. Како и на претходните два албума, повторно ќе носиме гости, а засега е извесно дека тоа ќе бидат Тифа и Чипи од групата Освајачи“, ни откри Зеле, кој ни кажа дека е добар пејач, ама не се гледа во таа улога. 

Во релаксираниот муабет во срцето на Дебар маало, каде доаѓаат најубавите жени, Зеле откри дека е подобар готвач од гитарист. Веќе триесет години не јаде месо, најмногу сака морска храна која претежно ја подготвува, како и салати, тестенини, со чија помош ја одржува витата линија. Поп-легендата, која со години живее на релација Сараево-Загреб, летово планира на одмор на Хвар.

Фото: Б. Грданоски

Дружењето беше и можност да ја видиме биографијата за легендарната група на авторот Стјепан Јурак „U malom vrtu raste divlji plod – Divlje jagode “  која се смета за врвните во регионот, за познатите и непознатите страни на групата во текот на долгата кариера, од почетоците до денес. (Л.С.)