Зехофер предупреди на опасност од нов бегалски бран
Германскиот министер за внатрешни работи Хорст Зехофер предупреди на опасност од нов бегалски бран во ЕУ кој би можел да го надмине оној од 2015 година, укажувајќи на потребата да им се помогне на земјите што ги чуваат надворешните граници на Унијата.
– Ние треба да им помогнеме на нашите европски партнери да ги контролираат нивните надворешни граници. Премногу долго ги оставивме на цедило. Ако тоа не го сториме, можеби ќе доживееме поголем бегалски бран од оној од 2015 година, рече Зехофер за „Билд ам Зонтаг“.
Тој најави дека ќе разговара за мерките со новата претседателка на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, за да се спречи да не се повтори ситуацијата од 2015 година, додавајќи дека за ова прашање има целосна поддршка од германската канцеларка Ангела Меркел.
– Турција прави многу кога станува збор за прием на бегалци. Тоа е во заеднички интерес. Мора да ги заборавиме проблемите од минатото и да направиме повеќе за Турција, рече германскиот министер.
Зехофер, кој беше еден од најжестоките критичари на отворената политика на канцеларката Ангела Меркел кон бегалците, сега се залага Германија да прими повеќе бегалци спасени од Медитеранот, дури секој четврти.