Зечевиќ: СДСМ нема да прави компромис за иднината


 

Генералниот секртер на СДСМ, Миле Зечевиќ вечерва од трибината „Силно и одлучно кон иднината“, порача дека СДСМ нема да прави компромис за иднината, дека е одбран патот на просперитетот.

„Наместо да лелекаме над судбината, сами да ја креираме. Заедно, со кренати глави, горди, достоинствени и обединети да го креираме современиот наратив на новата европска Република. Ние го одбравме патот на просперитетот, на иднината, на Европска Македонија во европското семејство. Рамноправна, достоинствена, силна, рамо до рамо со сите национални обележја за коишто мечтаеле генерации и генерации Македонци“ порача Зечевиќ.

На овој наш пат, додаде генералниот секретар, се сретнуваме и ќе се сретнуваме со пречки кои често изгледаат непремостливи, најчесто на штета на партискиот рејтинг.

„Не беше воопшто лесно. Нема да биде лесно и понатаму. И нема да печалиме дневнополитички поени. Ние тоа го знаеме и никогаш не калкулираме! Но, нема да има компромис за иднината! Како булдожер ќе го прегазиме секој кој што ќе се попречи на тој пат“ порача Зечевиќ на трибината во Скопје.

СДСМ, како државотворен политички субјект, со поддршка на меѓународните партнери, ќе направи се да ја постави татковината  на маса на новата геополитичка реалност, светска и европска, порача Зечевиќ.
 
„Подаваме рака, секој да се приклучи во остварувањето на оваа државна цел! Нашата нова голема тема, голема идеја, треба да биде големо општествено и националано  помирување и обединување околу европскиот концепт, околу европскиот пат на државата“, рече тој.
Генералниот секретар Зечевиќ истакна дека популизмот и лажниот патриотизам станаа опасен дел од секојдневните политики на политичките опоненти кои се во заложништво на радикални ликови.