Татко во осум години си го видел детето само два месеци – кривични за вработени во Центри за социјална работа


Здружението „Наши“ денеска поднесе пет кривични пријави до Основното јавно обвинителство, против над 20 вработени во Центри за социјални работи ширум земјава, поради неправилно издавање на решенија за доверителство на деца по развод на родителите. 

На прес-конференција пред Јавното обвинителство, Сашо Панковски од Здружението „Наши“ вели сите кривични пријави се однесуваат на лица вработени во Центрите за социјални работи, нагласувајќи дека за добивање на решение за доверителство од страна на ЦСР, „тие наплаќаат 2.500 до 5.000 евра“.

– Деца се продаваат и купуваат како стока. За решение доколку сакате да го добиете детето се плаќа од 2.500 до 5.000 евра. Ова сум спремен пред било кој обвинител да го докажам, бидејќи имаме телефонски извештаи тука кој со кого и како контактира. Сега топката ја фрламе во дворот на Основното јавно обвинителство. Сите кривични пријави се однесуваат на вработени во Центрите за социјални работи, од различни делови на земјава. Одговорноста има име и презиме, тоа решение го донел некој без докази. Луѓето во Центрите сакаат да кажат дека немаме надлежности, а од друга рака си земаат. Тие се суд, примаат докази, кажуваат што е доказ, што не е доказ, па ги проценуваат според што даваат решенија, рече Панковски.

Во најголем дел, додаде, случаите се пресликуваат, односно, вели „тој што ќе пријави прв насилство ги добива децата и тука почнува голготата, пред сѐ на децата“.

– Имаме човек којшто без ниту една кривична пријава против него, од осум години само два месеци го има видено неговото синче, тоа порасна без него. Спротивно на тоа, детето е доделено кај човек којшто има четири правосилни судски пресуди. Кога навлеговме малку повеќе во оваа тематика, видовме дека случаите во најголем дел се „копи-пејст“. Сите случаи личат еден друг, се караат сопруг и сопруга, некој пријавува насилство, тој што ќе пријави насилство ги добива децата и тука почнува голготата пред сѐ на децата. Не мора тоа да биде така, и затоа, покрај Законот за 50-50 родителство, ние денеска ќе поднесеме пет кривични пријави, во кои се опфатени над 20 вработени во Центрите за социјални работи, рече Панковски.

Вели и да се донесе Закон за 50-50 родителство ќе нема полза сѐ додека во Центрите работат корумпирани лица кои имаат корист да му доделат некому дете.

– И да се донесе нов Закон за 50-50 родителство, ако во Центрите седат корумпирани луѓе кои имаат ќар да му доделат дете некому и да земат некому, нема да се поправи ситуацијата. Тука има родители кои што немаат никаков проблем, но поминале голгота во која државата ти одзема дете и ти вика „сега државата ќе ти пише колку ти како татко или мајка можеш да го гледаш детето, три пати на ден по еден саат“. Тоа е страшна работа, психата на детето ја уништуваат, рече Панковски.