Здравјето пред сѐ

ЛЕЈЛА САБИТ

Го земаме здраво за готово, како свежо исцеден сок наутро или кратко еспресо од нога.

Се будиме со мислата дека сме живи и здрави уште еден ден, па можеме да почнеме со трката со времето, обврските, паузите за кафе, долгите состаноци, малите задоволства и на крај дружењето со семејството и пријателите.

Сѐ мериме со пари, за да ни биде животот поубав, од скапи куќи до брендирана облека, а всушност најскапо е времето поминато со најблиските и со саканите луѓе.

Џабе е трката за подобар стандард ако го трошите времето и го губите здравјето на кавги, одмазда, на злоба, на погрешни луѓе, на погрешно работно место,  за погрешни идеи, за погрешна цел и на иднина со многу жртви.

Го живееме животот тука, од раѓање, по наша желба или туѓ избор, со сите маани и доблести, со целата позитивна или негативна енергија во нас или околу нас, ама секој ден се трудиме да бидеме подобри, поздрави, за себе, за нашите деца, нашата земја и нашата планета.

Сега светот, кога здравјето е во прашање, е најсплотено досега, помошта со пари и со експерти доаѓа од сите страни, време е ставиме пауза за војни, поделби, разлики, за поган речник и црни кампањи.

Здравјето е во прашање. Некогаш ни е виновна генетиката, некогаш нашите животни и хигиенски навики, ама ние сме господари на нашиот ум и тело, а некогаш треба само силен дух и болеста ќе ја снема.

Што луѓе бевме. Кога сме во топ-форма, се фалиме, кога сме болни, молчиме или криеме.

Среќата е лесно да се подели со сите, болката ја чуваме во себе, не ја даваме никому, живее во нас кратко или долго, ја надминуваме или тлее во нас цел живот.

Во здравјето се препознаваат јунаци или кукавици, тогаш откривате кој ви е пријател, а кој се преправа, кој е карактер, а кој  е лигуш.

Здравјето всушност нема цена, некогаш можеш со пари да го купиш, а некогаш џабе и пари.

Кога го имате, не го цените, кога го немате, сѐ ќе направите да го имате.

Не случајно се вели, прво здравје, па сѐ друго!

Кој знае, знае, кој не знае, ќе научи на потешкиот начин!

Заради хакерски вирус се губат милијарди долари, а заради смртоносен вирус се губат милиони животи.

Затоа, живејте го секој ден, како да ви е последен. Немаме втор живот за втора шанса!