„Зборот ‘отстапка’ не постои во мојот речник“: Радев за односите со Македонија
Македонија има јасни обврски од преговарачката рамка и тие треба да се исполнат, вели бугарскиот претседател

Во мојот речник, зборот „отстапка“ кон Република Северна Македонија не постои, рече денеска бугарскиот претседателот Румен Радев, околу ќор-сокакот во односите меѓу двете земји.
„Подготвени сме да ѝ помогнеме на Република Северна Македонија на патот на европската интеграција и тоа го правиме, но очекуваме овие чекори од европскиот консензус, со согласност на сите 27 земји и на самата Република Северна Македонија, да бидат почитувани“, изјави Радев пред новинарите во Варшава, каде што учествува на самитот на иницијативата „Три мориња“.
Радев прецизираше дека на средбата меѓу него и претседателот на Европскиот совет Антонио Коста била разгледана темата за европската интеграција на нашиот југозападен сосед.
„Воопшто не зборуваме за отстапки. Таков збор не постои во мојот речник, во однос на Република Северна Македонија. Целосно го разбирам претседателот на Европскиот совет, бидејќи тој сака интеграцијата на Западен Балкан да се забрза. Особено во услови на геополитички превирања. Од друга страна, она што го добива од мене како многу јасен став, овој процес на интеграција мора да биде одржлив и неповратен. Мора да се базира на почитување на основните демократски принципи на Европската Унија и Копенхашките критериуми за членство. Република Северна Македонија има јасни обврски опишани во преговарачката рамка и протоколите кон неа. Тие едноставно мора да се исполнат“.
„Очекувам раководството на Република Северна Македонија да покаже државничко однесување, конечно да ги исполни првите услови – усвојување промена на уставот, за да се отвори вратата за преговори“, рече претседателот.
„Очекувам проблемите во Република Северна Македонија со владеењето на правото, борбата против корупцијата и потребните реформи да не бидат скриени под маската дека, гледате, Бугарија се меша. Не, Бугарија не се меша, таа е подготвена да помогне. РСМ едноставно треба да ги преземе потребните реформи“, додаде шефот на бугарската држава.