Заврши Светскиот крапски куп „Маврово Опен 2026“, уловени над 1,3 тони риба
Со прогласување на најуспешните риболовци, вчера заврши „Маврово Опен 2026“ Светскиот крапски куп. Овој натпревар во спортски риболов на крап кој се одржа викендов (од 20 до 23 август), беше во организација на Македонската риболовна федерација и со поддршка на локалнта самоуправа и ЈУНП „Маврово“.
На натпреварот на Мавровското Езеро учествуваа 33 екипи од повеќе држави, а во текот на натпреварувањето беа изловени вкупно 495 парчиња крап, со вкупна тежина од 1.375,5 килограми (кг).
Првото место го освои тим од Литванија со уловени 46 парчиња и тежина од 117,4 кг, второ место: Carp Pro Puhatch Baits 3 (Украина) – 38 парчиња тешки 102,2 кг, а третото место: Carp Pro Puhatch Baits 4 (Украина) – со 35 парчиња и вкупна тежина од 98,1 кг. Најголемата риба од водите на Мавровско езеро ја улови тимот од Хрватска 1 со тежина од 9,610 кг.
Домаќините на овој меѓународен натпревар ЈУ Национален парк „Маврово“ им честита на победниците и на сите учесници за одличниот натпревар, спортскиот дух и успешното одржување на овој значаен меѓународен настан.
– Мавровското Езеро уште еднаш покажа дека е одлична дестинација за врвен спортски риболов, но и место каде што природата, спортот и дружењето се спојуваат во едно, рекоа организаторите по натпреварот и посочија дека следното светското првенство ќе се организира за две години (02.09.2028 до 06.09.2028 година).
На натпреварот покрај 33-тите екипи со натпреварувачи имаше и судии и официјални лица кои овие деновиве беа дел од овој значаен меѓународен риболовен настан. На брегот на Мавровското Езеро беа поставени околу петнаесетина натпреварувачки позиции од кои натпреварувачите се обидуваа да остварат најдобар резултат во крапски риболов.