Заврши средбата во Тирана, на маса европската иднина на Македонија


Средбата на албанскиот премиер Еди Рама со лидерите на албанските политички партии од Македонија заврши доцна вечерва. По средбата, лидерите кои присуствуваа на неа ја оценија како братска и релаксирана со порака декз во фокусот била заедничката европска иднина на двете земји.

Лидерот на ДУИ, Али Ахмети кажа дека средбата поминала во позитивен и братски дух и порача дека Северна Македонија и Албанија имаат заедничка иднина во Европската Унија, но и заеднички предизвици кои ги очекуваат двете земји во овој период. Оваа фаза, според Ахмети, е многу тешка.Тој го потенцираше заминувањето на младите од Македонија и од Албанија во европските земји, а за ова да се спречи нагласи дека стандардите на двете земји треба да се усогласат со оние на земјите од ЕУ. Во таа насока, Ахмети истакна дека уставните измени нема да му наштетат на македонскиот идентитет, туку, напротив, дека ќе го зајакнат.

„Без Албанците нема Македонија“, рече меѓу другото Ахмети.

По средбата, изјава даде и првиот човек на Алијанса за Албанците, Арбен Таравари кој кажа дека таа повеќе наликувала на релаксирачка вечера за почетокот на годината и на неа се разговарало за предизвиците кои ги очекуваат Северна Македонија и Албанија на патот кон ЕУ. Според Таравари, нема партија од албанскиот блок во Северна Македонија која е против интеграција на земјата во Европската Унија, односно дека партиите на Албанците се „за“ најавените уставни измени.

Дека средбата поминала со разговор во чиј фокус била заедничката иднина на двете земји во ЕУ потврди и лидерот на Демократската партија на Албанците (ДПА), Мендух Тачи кој кажа дека освен за ова прашање, на средбата не се разговарало за ништо поконкретно.

„Братска средба. Зборувавме за нашата заедничка иднина на патот кон Европската Унија, а не за нешто поконкретно“, рече Тачи.

Според брифинзите средбата поминала без заклучоци и скриени платформи, а со порака дека добро би било Македонија и Албанија заеднички да го продолжат патот кон ЕУ, што подразбира уставни измени кај нас и  ЕУ агендата да биде приоритет на сите партии на Албанците во земјава, без оглед дали се власт или опозиција.Лидерите на партиите на Албанците го отвориле прашањето за замена на формулацијата „20 отсто“ со „албански јазик“ при отворањето на Уставот, но сите биле единствени дека „не треба да има уценувачки однос“. На средбата не станало збор за евентуален влез на Алијанса за Албанците во контекст на постабилна Влада за ЕУ агендата, но меѓу редови дел од учесниците на состанокот пораката за постабилна Влада ја читаат во контекст на нејзино засилување со Алијанса.